– Органското производство е барано и носи заработувачка, но, бара и многу вложен труд и посветеност – велат локалните производители кои викендов го посетија Валандово за да учествуваат на второто издание на Фестивалот на калинката. Изборот да станат производители на органска храна го направиле како комбинација на повеќе причини – да се продолжи семејната традиција, да се зачува одредена земјоделска култура за која повеќе нема интерес доколку не се преработува, да се остане во семејниот бизнис и да се пренесе и на идните генерации.

Таква е приказната на локалните производители од Ресен, “Трантал фарм – Преспино“ кои се оператори за храна од куќен праг, а за себе велат дека важат за едни од првите органски производители со сертифицирано органско производство.
– Имаме свое производство на јаболка, малини, сливи, цреши, лешници и ореви. Заради лошата откупна цена на јаболкото сакавме да направиме краен производ. Благодарение на поддршката на Федерација на фармери, почнавме да правиме сок, без вода и без шеќер, стопосто природен. Така започнавме со „Преспино“, направивме бренд и продолживме со производство на природен јаболков оцет, џем и компот од малини, како и путер од лешник. Следно сакаме да аплицираме за мала дестилерија, за производство на ракија од јаболко, дуња и други овошни ракии, како и ликери – вели Рахела Транталовска.
Се што произведуваме сакаме да преточиме во краен производ, нагласува и додава дека е задоволна од пласманот.
– Многу ни помагаат ваквите саеми за да се пробиеме на пазарот и најдобро е што клиентите се враќаат повторно и повторно. Се трудиме вкусот да биде автентичен и се што произведуваме е без шеќер. Мислам дека овој чекор е добар за секој млад што сака да си работи за себе. Ние имаме четири деца и сакавме тие да растат тука во Македонија, да си ја сакаат земјата затоа што Македонија е многу способна за производство на храна, само треба голема помош и поддршка на младите за да почнат свој бизнис – смета Транталовска.

Гоце и Божица Младеновски од Радовиш се посветиле на сушење зеленчук и овошје и со оваа техника успеале да стигнат до производство на триесеттина сушени производи кои може да служат како додатоци во јадења, десерти и здрави оброци.
-Тоа е традиција од фамилијата на мажот ми, ние ја продолжуваме. Се што нудиме е македонско и гледаме да биде природно одгледувано. Имаме договор со одгледувачи да не се користат хемикалии во производството. Имаме околу 30 зеленчуци, потоа еден млечен производ, урда со додатоци, налик на македонски пармезан, кој сакаме наскоро да го патентираме и околу 16 овошја. Сите тие се сушени и така ги продаваме. Овчата урда е во парчиња и во мелена форма, млекото го земаме од производител од Малешевијата кој има добиено награда како органски производител. Ја сушиме со посебна процедура и потоа урдата може да се користи во тестенини, со јајца и други јадења како зачин – раскажува Божица.
Таа вели дека нивната дејност е доста специфична, бара да се вложи многу труд, но се исплатува.
– Многумина ни ги бараат производите, па сега ќе патентираме некои од нив за да може да ги нудиме. Обично ни ги бараат во Хрватска, Австрија, па засега по шофери ги праќаме. Ќе ја патентираме урдата со додатоци, вегетата и народниот зачин, кој е составен од 12 билки, а вегетата е стриктно од зеленчуци без сол и други додатоци – вели Младеновска.

Бранко Стојанов, пензиониран професор од Земјоделското училиште во Валандово и земјоделски инжинер како долгогодишен производител на калинки учествуваше со својата сопруга на Фестивалот на калинката. Во Валандово со населените места речиси и да нема фамилија што нема калинки, но и оваа култура како и секоја друга сака внимателно познавање, вели тој.
– Производители сме на калинки од Валандово, имаме валандовски и турски сорти. Имаме еден хектар со валандовска и пола хектар со турска калинка. Турската калинка не успева во нашиот регион бидејќи има ниски температури и се уништува, мрзне. Донесена е пред десеттина години. На почетокот зимите беа благи и се покажа како издржлива, но во последно време не може да се одгледува. Во посебни реони може, ама многу малку се успешни – раскажува Бранко.
Иако калинката важи за стопроцентно природна овошка која не бара хемиско третирање за да опстане, сепак и таа сака внимателно одгледување.
-Во последно време поради климатските промени и калинката бара внимателно одгледување, а тоа не го знаат сите овоштари, туку само искусните калинкари го согледуваат и применуваат некои мерки. Таква мерка е неопходното подмладување, бидејќи младите растенија се поиздржливи и на болести и на мразеви, и задолжително заштита со органски препарати кои не се штетни – вели Стојанов.
Како искусен одгледувач тој вели дека калинката засега може да се пласира на пазарот.
– Директно оди како калинка, таа не се извезува и се носи на нашиот пазар. Сега ќе почне да се извезува, бидејќи за извоз се бара супер квалитет. А за тоа мора да имаш фабрика и сето она што е втора класа да го преработиш, додека првата класа да оди за извоз. Одгледувачите на крупни површини можат да организираат извоз, меѓутоа ситните земјоделци тешко, смета Стојанов, кој заедно со сопругата се ориентирал од своето производство на калинки да прави сокови, ликери, ракија калинковача, а годинава првпат почнал и со коктели, од ракија, дуња и зрна од калинка.

Од истата причина, за да ја зачува калинката од гниење на нивата, бидејќи во Валандово како ситен земјоделец не може да ја пласира на пазарот, Данче Георгиева од Раброво која работи под името „Дака“ се решила да се регистрира како производител од куќен праг, преку Агенцијата за храна и ветеринарство.
– Имаме еден хектар насад и почнавме со преработки за да не ја изгубиме калинката на нивата, затоа што не можеме да постигнеме да ја зачуваме. Бавно оди потрошувачката на калинка, а таа се уништува на самата нива, има краток период, се бере за 30 дена. Освен мармалади правиме и сок од калинка, рачно цеден со преса, а потрошувачката ни завршува некаде до декември – вели Георгиева.

Успешен пример за производител на калинки кој со поголеми насади го шири своето производство и пласманот, а настојува да извезе и првокласна калинка на европскиот пазар е Ристе Гошевски, сопственик на брендот „Кувет“ од производителот „Тера мегдан“, исто така од валандовско Раброво.
– Произведуваме ладно цеден сок, стопроценти од калинка, без конзерванси, во стаклена амбалажа и треба да се чува на соодветна температура, за да не се добие мала промена на бојата. Сокот е со висока шеќерност која ја има од природните шеќери и тоа го одржува. Вака пакуван, ако се чува соодветно може да стои и до три години – вели Гошевски.
Тој раскажува дека во рамки на брендот кој го работат поседуваат 11 хектари насади, а соработуваат и со домашни кооперанти, како и со консултанти од Турција, за тоа како да се добие поквалитетен принос.
– Заедно учиме преку размена на искуства кои мерки да ги применуваме при климатските промени. Наша замисла е покрај преработката на калинката да имаме и прва класа калинка која што ќе може да се извезува во европските земји. Овде сме присутни во сите поголеми продажни места, во поголеми ланци на маркети, аптеки и продавници за здрава храна, а почнавме и извоз во неколку држави. Целосно сме посветени и задоволни од работата. Најважно е да го задржиме квалитетот на високо ниво за да бидеме конкурентни со другите – смета Гошевски.

