Меѓународниот ден за намалување на ризикот од катастрофи, кој секоја година се одбележува на 13 октомври, годинава е посветен на темата „Отпорноста почнува дома“. По тој повод се организира кампања во рамки на проектот „Подобрена имплементација на Директивата на ЕУ за поплави преку усогласување на националното законодавство и подготовка на планови за управување со ризикот од поплави“, ко-финансиран од ЕУ.
Во рамки на кампањата денеска ќе се одржи јавен настан во просторот „Школка“ во Градскиот парк во Скопје, кој ќе биде отворен за граѓаните од сите возрасти и ќе понуди интерактивни и едукативни активности за подготвеност за поплави, домашна итна торба, препознавање на ризиците, и правилно постапување во итни ситуации.
Темата ја нагласува важноста на безбедниот дом, информираноста и подготвеноста на семејствата и заедниците за справување со ризиците од катастрофи. Главната порака е дека не можеме секогаш да ја спречиме поплавата, но, можеме да го намалиме ризикот и да се подготвиме да реагираме навреме.
-Во фокусот на одбележувањето е пораката дека намалувањето на ризикот започнува со разбирање на опасностите, навремена подготовка и преземање конкретни мерки за заштита. Кога станува збор за поплавите, познавањето на локалните ризици, следењето на предупредувањата и знаењето како да се реагира можат да придонесат за заштита на човечките животи и имотот – велат реализаторите на проектот.
Во контекст на Македонија, велат, ризикот од поплави претставува особено релевантна основа за подигнување на јавната свест.
– Поплавите можат да предизвикаат загуба на човечки животи, оштетување на домовите и инфраструктурата, прекин на основните услуги и значителни економски загуби. Намалувањето на овие последици бара комбинација од процена на ризикот, превенција, подготвеност, рано предупредување, координиран одговор и јавна свест – се вели во соопштението.
Проектот работи на унапредување на системот за управување со ризикот од поплави во земјава, преку усогласување на националното законодавство со Директивата на ЕУ за поплави, процена на ризиците во десет речни подсливови, изработка на карти на опасност и ризик од поплави и подготовка на планови за управување со ризикот од поплави. Активностите треба да придонесат за подобро планирање, поефикасна превенција и подготвеност и зајакнување на отпорноста на заедниците.
Преку кампањата, проектот ќе ги поттикне граѓаните да се информираат за ризиците од поплави во нивната околина, да ги подготват своите домови и семејства, да препознаваат предупредувања и да знаат како да постапат во итни ситуации.

