Научна конференција „Акад. Блаже Ристовски – живот и дело“, по повод 95-годишнината од раѓањето на академикот, ќе биде одржана денеска во Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци.
Конференцијата, под покровителство на Советот и градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, е посветена на научното и општественото дело на Блаже Ристовски (1931–2018), како чин на оддавање почит за неговиот придонес за Македонија и нејзината афирмација во светот.
Ристовски беше истакнат научник со повеќестрана дејност во областа на славистиката, филологијата, културологијата, историографијата, фолклористиката и книжевната историја. Тој беше и национален и општествен деец, кој активно учествуваше во процесите поврзани со осамостојувањето на македонската држава.
Во рамките на програмата е предвидено и свечено отворање на Академската читална „Блаже Ристовски“ во ЈОУ Библиотека „Феткин“ во Кавадарци, под раководство на директорот Петар Гурев.
Координаторки на конференцијата се проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска и проф. д-р Јасминка Ристовска Пиличкова.

