„Консултативна средба за концесиите и јавно-приватното партнерство – предизвици, реформи и усогласување со ЕУ“ во организација на Центарот за граѓански комуникации ќе се реализира денеска во Скопје.
– Појдовна основа за дискусија ќе претставува „Анализата на концесиите и ЈПП, со препораки и патоказ за делување“ која е изработена за сите земји од Западниот Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Анализата потенцира дека ЈПП и концесиите се сметаат за клучни инструменти за надминување на празнините во инвестициите и финансирањето на инфраструктурата. Добро дизајнираните и добро спроведените ЈПП и концесии носат многу придобивки, но, спротивно, можат да бидат и потенцијал за фискални ризици и зголемени јавни трошоци. Во земјите од Западен Балкан, инфраструктурата останува недоволно развиена, фискалните капацитети се ограничени, а побарувачката за одржливи решенија се зголемува, особено во однос на енергетската транзиција и испораката на услуги – пишува во соопштението.
Според најавеното, предвидени се обраќања на Сања Божиновска – министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Маре Богева Мицовска – директорката на Бирото за јавни набавки и Росица Шалевиќ Христовска – помошничка на главниот државен ревизор.
– Целта на настанот е да се поттикне заедничка дискусија помеѓу клучните чинители за унапредување на законската и институционалната рамка, транспарентноста, отчетноста и практиката на доделувањето и спроведувањето на договорите за концесии и јавно-приватно партнерство во земјава – се додава во соопштението.

