Претседателот на Собранието, Африм Гаши, ќе учествува на Европската конференција на претседатели на парламенти, која на 15 и 16 октомври 2026 година ќе се одржи во Рим, Италија.
Конференцијата се одржува под покровителство на Парламентарното собрание на Советот на Европа и одбележува 50 години од одржувањето на првиот ваков собир во Рим, во 1975 година.
Како што соопшти собраниската прес-служба, на овој форум на високо ниво, собраниските спикери ќе разменат мислења за предизвиците со кои се соочуваат демократските институции, влијанието на технолошкиот развој врз општествата и пазарите на трудот, како и за улогата на парламентите во зајакнувањето на меѓународната соработка и изнаоѓањето одговори на современите кризи.

Во рамките на Конференцијата ќе се одржи и посебен состанок на генералните секретари на парламентите, на кој ќе учествува и Марина Димовска, генерална секретарка на Собранието. Дневниот ред на состанокот предвидува дискусија за транспарентноста, интегритетот и етиката како клучни предуслови за обновување и зајакнување на довербата на граѓаните во парламентите.
Европската конференција на претседатели на парламенти се одржува на секои две години и на неа учествуваат претседатели на парламентите од 46-те земји членки на Советот на Европа, како и делегации од државите со статус на партнери и набљудувачи, како и претставници на меѓународните парламентарни собранија.
Педесет години по првиот собир во Рим, Конференцијата ќе биде можност повторно да се потврди суштинската улога на парламентите во зачувувањето на демократијата, обезбедувањето отчетност, справувањето со новите предизвици и зајакнувањето на меѓународната соработка од која зависат мирот, стабилноста и владеењето на правото.а за неговото усвојување.

