Министерството за внатрешни работи распиша потерница по Михаилова Ива (23) од Кочани, од татко Симеон и мајка Христина, двајцата од Кочани.
Како што се наведува во соопштението од МВР, лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на Основен суд Кочани за кривично дело по член 300 став 4 и член 297 став 3 од Кривичниот законик.
Ива Михајлова, која во Македонија е обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, деновиве избега во Бугарија. Младата кочанчанка, која има и активно бугарско државјанство, се појави преку медиумите во Бугарија, по што беше утврдено дека на нелегален начин ја преминала македонската граница. Кочанскиот суд и има изречено мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за напуштање на државата, но поради нивно непочитување таа денеска доби триесетдневен притвор, што ќе се смета од моментот кога ќе биде приведена.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во телевизиско интервју изјави дека таа нелегално ја напуштила државата и најави распишување меѓународна потерница.
– Се надевам дека нашиот источен сосед ќе се одважи да ги почитува меѓународните правила, Европската конвенција за човекови слободи и права, се она што значи нормална европска држава каква што Бугарија тврди дека е и суштински и е дел од семејството на ЕУ – рече Тошковски во интервју за Сител.
Тоа Бугарија, вели тој, треба да го покаже со дела а не само со декларативни изјави.
Македонското МВР претходно соопшти дека таа нелегално излегла од Македонија и нелегално влегла во Бугарија.
– Преку заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија извршени се проверки и од страна на бугарската гранична полиција, од каде што е добиена информација дека за наведеното лице нема евидентиран легален влез на територијата на Република Бугарија – соопшти попладнево МВР.
Медиумите во Бугарија објавија дека Михајлова се наоѓа во Софија.

