Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, порача дека слободата што ја има Македонија денес е аманет што секоја генерација има обврска да го чува и надградува.
-По повод 11 Октомври – Денот на народното востание, како дел од владината делегација, заедно со колегите Владо Мисајловски и Ѓоко Велковски, положивме цвеќе на Спомен-костурницата во Куманово. На покана на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, учествував и на свеченоста во чест на празникот. Слободата што ја имаме денес е аманет што секоја генерација има одговорност да го чува – вели Адоновски во објавата на социјалните мрежи по повод празникот.

Тој посочува дека со длабока почит им оддаваат почест на борците кои пред 85 години се спротивставиле на окупацијата и ги жртвувале своите животи за слободна Македонија.
-Нивната борба ги постави темелите на македонската државност и ни остави обврска да ја чуваме и градиме нашата Македонија во успешна и просперитетна држава – напиша министерот за дигитална трансформација.
Како што посочува Андоновски, денешната генерација таа одговорност ја исполнува „со чесна работа, со посилни институции и со создавање можности младите да ја градат својата иднина во Македонија“.
-Почитта кон минатото добива вистинска смисла кога работиме за подобра иднина. Честит 11 Октомври! Да ни е вечна Македонија! – се вели во објавата на министерот Андоновски.

