Со полагање цвеќе пред Споменикот на Револуцијата на градскиот плоштад, во Кавадарци беше одбележан 11 Октомври – Ден на народното востание на македонскиот народ, симбол на македонската борба за слобода, ден кога е поставен еден од темелите на македонската државност
Марија Михова, кустос историчар во Музеј галеријата, потсети дека одбележуваме 85 години од започнувањето на антифашистичкото востание на македонскиот народ кое постепено прераснало во националноослободителна војна.
– По фашистичката агресија и окупација на Југославија во 1941 година за време на Втората светска војна, Македонија е поделена, овојпат помеѓу италијанскиот и бугарскиот окупатор. Македонскиот народ во КПЈ го наоѓа својот сојузник во победоносниот пат за национална и социјална слобода. Со Решение на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев”, според однапред подготвениот план, 16 партизани поделени во три групи добиваат задача за започнување на вооружена борба. Првата група извршила напад на бугарскиот полициски участок, втората група извршила напад на затворот, а третата имала задача да ги прекине телефонските и телеграфските врски во Прилеп и електричната инсталација. Со тоа бил означен организираниот почеток на вооруженото востание во Вардарскиот дел на Македонија против фашистичкиот окупатор – потсети Михова.
Таа потсети дека вооружени дејствија имало и во Кумановско.
-На 12 октомври во областа Студена формиран е Кумановскиот (Козјачки) партизански одред, а во областа Менкова Колиба – Карадачкиот партизански одред. Иако активноста на овие партизански одреди била скромна, таа претставува иницијална каписла за продолжување на борбата. Со вооружената борба Македонија дала свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна. Единаесетти октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, Кресненското и Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и Првата светска војна. Македонскиот народ самостојно се изборил за својата слобода. Со одлуките на Првото заседание на ACHOM во 1944 година ce оживотворени повеќевековните идеали за основање самостојна, слободна и независна македонска држава. На овој ден им оддаваме почит на сите учесници во вооруженото, антифашистичкото народноослободителното востание – подвлече Михова.

