Спечалени од 1975-та до пред четири години – 350-те илјади евра засидани во куќата во Неготино се личнo наши и нема шанси на нив да да нема ДНК траги од нас – сведочеа мајката и таткото на апелацискиот судија Ѓоко Ристов. Се занимавале со земјоделство, продавале низ цела Македонија и ги собирале парите марка по марка, па потоа ги смениле во евра. Ги чувале во ѕидот, зад фриждерот, оти не им верувале на банките и на државата, банкарските службеници краделе од сметки а луѓе се беселе поради тоа. Парите им биле за стари денови за да можат да се сместат на Геријатрија.
- „Тие парички се цел живот печалени. Ние сме земјоделска фамилија, произведувавме земјоделски производи. Секаде сум била, госпоѓо судијке, сме биле до Горни Милановац да ви кажувам ќе се чудите. Цела Македонија сме ја поминале додека да го оформиме лозјето, а потоа имавме голем добиток од лозјето, по 40 тони… Ако продавам во Прилеп црвен пипер, веднаш ќе купам марки, тогаш беа марки, па евра. И за да не бидат помали пари, ги претворавме во поголеми евра, да не фаќаат место“, рече Донка Ристова – мајка на Ѓоко Ристов.
Таткото на судијата Ѓоко Ристов сведочеше дека тој ги менувал парите од марки во евра, а поситните апоени ги окрупнувал во 50-ки и 500-ки, за да не фаќаат многу простор. На две банкарски сметки ставиле по околу 15 илјади евра, а парите им биле од продажба на земјоделските машини. Имале и нива со фотоволтаици, ја продале и со тие пари уплатиле станови во изградба.
- „Невестата ги ставаше парите во ѕидот. Јас создавав, да донесам дома. Можав да им ги дадам на децата, ама можат да ги искоцкаат во една вечер“, изјави тој.
Ниту мајката ниту таткото не веруваат дека на заѕиданите пари не се пронајдени нивни ДНК отисоци, оти парите тврдат биле лично нивни. Сведочеа што се случувало на претресите во нивната куќа во Неготино, во два наврати на 29 декември 2024 и 18 јануари годинава и таткото Ристов посочи дека и судијата им помагал на полицајците во претресите. Како сведок на одбраната пред судот исказ даде и полицски крим техничар од Неготино кој објаснуваше како биле најдени парите и како течело пакувањето..
Одбраната докажува дека несоодветно биле вадени и пакувани еврата па затоа се пронајдени ДНК траги само на судијата.
- „Имало три преместувања на парите и тоа нашиот вештак ќе го објасни, поткрепено со фотографии токму на Обвинителството“ – рече адвокатот Давидовиќ.
За обвинителката Хаџи Василева, овие сведочења не наоѓаат покрепа во останатите докази.
- „Обвинителството со овие сведоци воопшто немаше поента и токму затоа не ги предложи. Но, повторувам, тоа се родители. Таму маргината на веродостојност и емоции е јасна – станува збор за родители и дете“, рече Хаџи Василева.
Ѓоко Ристов седна на обвинителна клупа откако екс државниот правобранител Фехми Стафа беше фатен со мито. Дал од парите биле наменети за судијата Ристов за да влијание за укинување на притворот на Љупчо Пецов Ѓаволот. Стафа призна вина, а на минатото рочиште како сведок на одбраната на Ристов, тврдеше дека парите не биле за судијата.

