Богато војничко погребување со комплетна воена опрема – шлем, штит, меч, копја и други гробни прилози, пронајдени во недопрен археолошки контекст, се откриени при истражувањата на архајската некропола на локалитетот Расница, кај струшкото село Корошишта, соопшти денеска Архролошкиот музеј на Македонија.
Според првичните согледувања, посочуваат дека станува збор за погребување постаро од исклучителниот наод откриен на истиот локалитет во 2024 година, што, како што наведуваат, дополнително го потврдува извонредниот научен потенцијал на некрополата кај Корошишта.
Директорката на Националниот археолошки музеј, Магдалена Манаскова денеска на прес-конференција информирала дека досегашните резултати и потенцијалот на локалитетот ја наметнуваат потребата истражувањата на Расница да продолжат како систематски археолошки истражувања, со долгорочна научна програма и соодветен третман на откриениот материјал.
Раководителот на проектот, Перо Арџанлиев, го претставил археолошкиот контекст и значењето на новото откритие. Тој посочува дека станува збор за гроб со исклучително богата и комплетна војничка опрема и според карактеристиките на откриениот материјал и првичната хронолошка анализа, погребувањето е постаро од наодот откриен во 2024 година.
– Новите сознанија овозможуваат попрецизно согледување на развојот на некрополата, погребните обичаи и статусот на лицата погребувани на овој простор во текот на архајскиот период, вели Арџанлиев.
Управата за заштита на културното наследство, според директорката Весела Честоева, согласно своите надлежности, ќе иницира информација до Владата, со цел да се обезбеди континуитет и соодветно финансирање на понатамошните археолошки истражувања, заштитата и стручниот третман на локалитетот и наодите.
Новите резултати од Корошишта, за директорот на НУ Завод и музеј – Охрид, Горан Патчев, отвораат исклучително важни прашања за археологијата на охридско-струшкиот регион и за неговото место во пошироките процеси на Балканот во архајскиот период, особено во однос на веќе познатите богати погребни комплекси од регионот, меѓу кои централно место зазема Требенишката некропола.
– Откритието од 2026 година се надоврзува на резултатите од 2024 година, кога на Расница беше истражена монументална гробна целина со исклучително богат инвентар. Новиот гроб со комплетна војничка опрема покажува дека не станува збор за изолиран наод, туку за археолошки комплекс со извонреден научен потенцијал. Со продолжувањето на истражувањата, Расница кај Корошишта се наметнува како еден од клучните локалитети за идното проучување на архајскиот период во Македонија и поширокиот регион, а откриените целини допрва ќе бидат предмет на детални археолошки, конзерваторски и интердисциплинарни анализи, соопшти Археолошкиот музеј.

