Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски денеска во кочанското село Горни Подлог присуствуваше на означувањето на почетокот на жетвата на оризот на традиционален начин, рачно и со срп. Демонстрирањето на овој обичај е дел од содржините на на 35. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ која започна на 2 октомври, а завршува денеска.

-Ова што го гледаме денес е доказ дека оризот како култура е повеќе од важна и затоа ние како Министерство сериозно сме засегнати за решавање на проблемите во делот на пласманот, производството, продажбата и нормално, за самата цена на оризот. Така што денеска ова е повеќе од празник, негување на традиција и доказ дека треба сериозно да се посветиме за негување на оваа земјоделска култура, рече Серафимовски.
Како ресорен министер, тој соопшти дека веќе остварил повеќе средби со оризопроизводителите и со претставници на откупно-преработувачките центри.

-Последната средба беше пред неколку дена во Општината Чешново – Облешево, каде што седнавме на заедничка маса со производителите и преработувачите. Ние како држава дополнително ќе застанеме зад производителите на ориз и финансиски ќе им помогнеме за родот од минатогодишната реколта. Исто така, и на крајот на оваа сезона, ќе направиме дополнителна анализа и ќе решиме каква помош треба да добијат. Главно е дека треба да го зачуваме квалитетот на оризот, а преработувачите да го платат согласно методологијата за пресметување на цената, порача министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Борче Серафимовски, додавајќи дека откупуачите имаат законска обврска да ја објават цената во откупните центри и тоа треба да го сторат веќе наредната недела.

