Две и пол години затвор за службеничката во МВР која со мито извадаваше лажни возачки дозволи за категорија Ц и Д. Покрај неа уште двајца возачи корисници на лажните возачки, признале вина и добија по 15 месеци затворска казна. Основното јавно обвинителство на 19 септември поднесе обвинителен предлог против шест лица за продолжено кривично дело „Фалсификување исправа“. Тројца се недостапни, додека за тројцата коишто беа во притвор, вчера се одржа рочиште.
Првообвинетата, вработена во Одделението за управни работи, според обвинението, пред пет години била вмешана во ист случај со лажно издавање возачки за управување автомобил и тогаш доби условна казна. Другите двајца осудени се возачи кои лажно пријавувале изгубена возачка дозвола и во договор со службеничката поднесувале барања за издавање нови. Се шпекулираше дека за услугата наплаќале тарифа од околу 1.400 евра. Во периодот кога изби аферата со издавањето на околу 200 фалсификувани пасоши на лица поврзани со балканскиот и светскиот криминал, обвинителството покрена обвинение против пет полициски службеници. Тие во рок од само шест месеци издале десетици возачки дозвола на лица кои немале положено испит за категорија Б.
„Во текот на истрагата е утврдено дека четири лица постапувале како посредници, при што во договор и содејство со вработената во МВР посредувале за незаконско издавање на возачки дозволи. Истите пронаоѓале заинтересирани лица, и поврзувале со службеното лице и ја координирале постапката до незаконското внесување и одобрување на категориите во електронскиот систем и нивно издавање“, објави МВР за случајот.
За сите тројца продолжува притворот – предметот не завршува со овие пресуди, тројца се се уште недостапни во потрагата. Обвинителството продолжува да обезбедува докази и против уште 21 лице, осомничени како посредници или корисници на фалсификуваните возачки дозволи.

