Во реконструираниот студентски дом „Стив Наумов во Скопје, кој има капацитет од 1.150 легла, има европски услови. Она што студентите треба да го прават е само да се посветат на учењето, да ги завршат студиите, се разбира, и понатаму да напредуваат – рече премиерот Христијан Мицкоски, кој заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска присуствуваше на пуштањето во употреба на домот.
Вели дека проблеми има, дека како Влада наследиле многу, како што вели, илјадници, но дека секој ден решаваат по некој проблем.
– Еве денеска сме тука да присуствуваме на ова навистина прекрасно здание, студентскиот дом „Стив Наумов“. 1.150 студенти овде ќе ја градат својата студентска иднина. Практично, условите што денеска ги имаат се навистина, како што кажаа некои од претходните говорници, најдобри во регионот, можеби и пошироко. Навистина имаме европски услови, она што тие треба да го прават е само да се посветат на учењето, да ги завршат студиите – рече Мицкоски.

Она, нагласи тој, што како Влада го прават додека некои седат и од страна само критикуваат без аргументи, е испораката на проекти и исправање на пропустите и грешките од минатото, кои, за жал, се илјадници.
– Работиме според приоритети, работиме врз основа на можностите што ги имаме на располагање. Голема благодарност до нашите партнери, Германската развојна банка, Европската Унија, голема благодарност до колегите од Владата, до вработените во студентскиот центар, во студентскиот дом тука, за трпението. Наеднаш ќе имаме 1.150 нови легла, капацитет што досега го немавме. На крајот на овој месец, следниот месец, очекуваме да се пушти и вториот студентски дом, така што во еден момент ќе имаме и повеќе од 1.500 легла на располагање за студентите што досега ги немавме, кои ќе бидат со европски услови како што и амбасадорот на ЕУ, господинот Рокас, рече – state of art – истакна Мицкоски при посетата.

