Во Студио Приватен принт во Скопје вечерва ќе биде отворена изложбата „Патосформелн: Верба во напредок“ на уметникот Михалис Пихлер од Германија.
Авторот на изложбата ќе прикаже серија колажи кои го следат задгробниот живот на позите од социјалистичките агитациски пропагандни постери од 1930-тите до 1960-тите години, кои можат да се препознаат на страниците на современите дневни и таблоидни весници. Гестовите се повторуваат со впечатлива формална сличност – крената рака, толпа, фигура на гласникот – но со целосно поместено значење: револуционерниот работник станува спортска ѕвезда, колективот станува навивач.
Оваа серија е збогатена и со колажи создадени за време на неговиот престој во Скопје. Во склоп на изложбата ќе биде прикажана и архива од публикации од авторот, која по завршувањето на изложбата ќе остане во студиото Приватен принт, постојано достапна за посетителите.
Михалис Пихлер е уметник и автор кој живее и работи во Берлин. Тој е соосновач на берлинскиот саем на уметнички книги „Мис рид“ во 2009 година, на Денот на концептуалната поетика во 2013 година и соосновач на Саемот на уметнички книги во Атина во 2019 година. Пихлер е писател и уметник од двете страни на имагинарната граница меѓу визуелната уметност и литературата. Тој го концептуализираше ректо-версо начинот на создавање колажи, користејќи ги двете страни од листот како платно за уметничко дело. Пихлер е резидент во студиото на Приватен принт во месец септември, во рамки на проектот „Кругови на привремено спојување“, поддржан од Гете институтот во Скопје.
Приватен принт е издавачко и кураторско студио основано во 2015 година во Скопје. Од 2022 година постои и неговата програма на престои на уметници и културни работници, кои престојуваат во Скопје и во студиото и развиваат свое истражување или уметнички проект во тесна поврзаност со локалниот културен контекст и заедницата околу Приватен принт. Од 2022 година во Скопје, преку оваа програма, престојувале десетмина уметници и културни работници од различни европски земји.

