Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер денеска ќе одбележи 20 години од донесувањето на Законот за слободен пристап до информации, под мотото „20 години транспарентност што гради доверба“.
Одбележувањето ќе се одржи во Клубот на пратеници со почеток во 12:00 часот, а како што е најавено, на настанот ќе учествуваат високи претставници на институциите, меѓународната заедница и партнерските организации.
Настанот ќе го отвори Јасмина Велкова, советник за односи со јавност во Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, а ќе се обратат директорот на Агенцијата, Петар Гајдов, пратеникот во Собранието и претседател на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците Љупчо Пренџов, амбасадорот на Швајцарија Кристоф Зомер и амбасадорот на Шведска Ола Сулстром.
На настанот ќе се обратат и градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски и програмската директорка во Фондацијата „Метаморфозис“ Данче Даниловска-Бајдевска.
По обраќањата и заклучоците, медиумите ќе имаат можност да земат изјави од говорниците и официјалните претставници.
Јубилејот, како што е наведено во најавата, претставува одбележување на две децении од воспоставувањето на правната рамка за пристап до информации и значењето на правото на граѓаните да знаат за транспарентноста, отчетноста и довербата во институциите.

