Реклама

Мицкоски: Со Бугарија имаме билатерален спор, потребна е вклученост на ЕУ за да ги слушне аргументите на двете страни

Мицкоски: Потребни се брзи испораки од ЕУ со цел да се намалат фрустрациите на граѓаните од Западен Балкан

Сиљановска Давкова ја одликуваш научничката Светлана Мојсов со орден „8 септември“ за заслуги во биохемијата

Кочани доби центар за услуги – документи без шетање по институции

Николоски: ќе се гради експресен пат од Радовиш до границата со Бугарија

Цврсто во НАТО, стратешки со САД и со јасни правила за членство во Европската Унија – силни и јасни пораки на премиерот Мицкоски од Њујорк

Мицкоски се сретна со Гутереш: Потврдена одличната соработка меѓу Обединетите нации и Македонија

Мицкоски од Њујорк: Македонците ќе го преземат својот дел од одговрноста, ние сме мала земја, но одбиваме тоа да го одредува размерот на нашата амбиција

Министерство за транспорт: Македонија и Бугарија прават нов исчекор кон изградбата на прекуграничниот железнички тунел

Обраќање на премиерот Христијан Мицкоски на 81. Генерално собрание на Обединетите нации

Мицкоски: Обединетите нации мора да останат релевантни и да го штитат човечкото достоинство

Мицкоски во ОН: Развој на инфраструктурата и на новата економија за запирање на миграцијата

Македонија

Пиран – градот каде времето тече побавно, а морето и историјата живеат заедно

Има места до кои човек стигнува без големи очекувања, а потоа сфаќа…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Има места до кои човек стигнува без големи очекувања, а потоа сфаќа дека токму тие ќе му останат меѓу најубавите спомени. Пиран е едно од нив.

Уште при првиот поглед морето и градот изгледаат како да се споени во една слика. Пред вас се отвора синилото на Јадранот, а веднаш зад него камените куќи, тесните улички и фасадите со траги од вековите. Се е блиску: морето, плоштадот, црковната камбанарија, малите чамци, отворените прозорци и гласовите на луѓето кои минуваат.

Пиран не ве освојува со раскош. Тој го прави тоа тивко. Додека чекорите по неговите тесни улички, градот како да ве забавува. Нема потреба да брзате.

Реклама

На секој агол се појавува нова глетка – камена куќа со зелени капаци, мала врата што води кон скриен двор, балкон надвиснат над улицата или ненадеен отсјај на морето меѓу две згради.

Од плоштадот „Тартини“ патот природно води кон срцето на стариот град. Ширината на плоштадот исчезнува, а на неколку чекори од вас куќите речиси се допират една со друга. Уличките се тесни, понекогаш толку тесни што небото се гледа само како сина лента над главата.

Каменот под нозете, старите фасади и дрвените капаци на прозорците создаваат чувство дека времето овде се движи поспоро. На некои од куќите времето оставило трага, но токму таа трага им ја дава убавината. Излупената боја, старите ѕидови, малите балкони и деталите околу вратите не изгледаат како несовршености. Тие се дел од приказната на градот.

Пиран постојано приредува мали изненадувања – од една уличка се појавува светлина, од друга се наѕира морето, некогаш ќе поминете покрај мала продавница или ресторан, а некогаш само покрај тивка куќа со цвеќе на прозорецот.

Токму во тие мали нешта се крие шармот на Пиран. Но, колку повеќе се искачувате толку повеќе погледот се шири. Над покривите постепено се појавува силуетата на црквата „Св.Ѓорѓи“ и препознатливата камбанарија која стои високо над градот, како тивок чувар на Пиран.

Над покривите

Искачувањето постепено го менува градот. Уличките стануваат пострмни, чекорите побавни, а зад вас остануваат тесните премини и камените ѕидови. На секое свртување погледот се отвора малку повеќе. Сината површина на морето веќе не се појавува само во далечината  – таа станува се поголем дел од пејзажот.

А потоа, одеднаш, Пиран се појавува под вас.

Од височината, градот изгледа како внимателно сложена разгледница. Црвените покриви се редат еден до друг, куќите се спуштаат кон морето, а тесните улички што изгледаа како лавиринт сега се претвораат во фини линии меѓу старите згради. Над сето тоа се издигнува камбанаријата на „Св. Ѓорѓи“.

Од оваа точка човек најдобро ја разбира положбата на Пиран – мал, речиси истурен во морето, опкружен со вода и светлина. Градот нема каде многу да се проширува, па неговите куќи како да се потпираат една на друга, создавајќи ја густата препознатлива силуета на стариот Пирин.

Погледот оди понатаму, кон отвореното море.

Долу, на брегот, чамците изгледаат мали, а луѓето како точки што полека се движат по кејот. Од оваа височина се губи градската врева. Остануваат само морето, ветерот и чувството дека пред вас е пејзаж кој со векови го гледале генерации жители на Пиран.
И можеби токму тука, над покривите, човек сфаќа дека Пиран не е само град со убава архитектура. Неговата најголема убавина е начинот на кој градот, каменот и морето живеат едно со друго.

Црквата „Свети Ѓорѓи“ – чувар на историјата на Пиран

На ридот над Пиран се издигнува црквата „Свети Ѓорѓи“, еден од најзначајните споменици на сакралното и културното наследство на градот. Во храмот се зачувани бројни уметнички дела од различни периоди, меѓу кои монументалната слика „Мачеништвото на Свети Ѓорѓи“ од Џoвани Паљарини, висока 8,5 метри, како и готската дрвена скулптура на Распнатиот од почетокот на 14 век.

Црквата е дел од поширок комплекс кој ги опфаќа и парохискиот музеј, ризницата, лапидариумот и археолошкиот простор под црквата, каде што се откриени остатоци од постари градби, од римскиот период до средниот век.

Посебно внимание привлекува камбанаријата, изградена меѓу 1600 и 1615 година по примерот на ренесансната камбанарија „Сан Марко“ во Венеција.

Заедно со статуата на Архангел Михаил на врвот, која служи и како показател на насоката на ветерот, таа е висока 46,45 метри. Во камбанаријата има четири ѕвона, а најстарото е излеано во 1477 година. Целиот надворешен дел на камбанаријата е реставриран во 2025 година.

Но, во ризницата на црквата денес особено внимание привлекува еден дрвен крст со ситни фрагменти од коски, кој бил откриен годинава, скриен зад дрвена преграда во голем барокен ормар во сакристијата. Заедно со него бил пронајден и документ кој помогнал да се утврди неговата историја.

Според документот, крстот од збирката со 140 реликвии во 1740 година и бил подарен на пиранската парохија, а вo него се наоѓаат и ситни фрагменти од коски, кои според наведениот запис се поврзуваат со различни светци и личности од христијанската традиција. Меѓу наведените реликвии се делови што традицијата ги поврзува со 123-те апостоли и четворицата евангелисти, како и реликвии поврзани со Хриството раѓање и со Крстот.

Токму затоа црквата „Свети Ѓорѓи“ не е само препознатлива точка од панорамата на Пиран, туку и место во кое се среќаваат повеќе видови историја – од археолошките остатоци под храмот, преку вредните уметнички дела  и камбанаријата до реликвиите што по повеќе од два века повторно ја раскажуваат својата приказна.

А нам приказната за оваа црква ни ја раскажа господинот Роберт Летица, кој беше особено љубезен кога му кажавме дека доаѓаме од Македонија, навраќајќи се на спомените што ги сподели со нас од периодот кога служел војска во Охрид.

Кога градот се спушта до морето

Од височината повторно се враќаме кон морето. И колку повеќе се приближуваме до брегот, толку повеќе се менува атмосферата. Тивките улички повторно се отвораат, а пред нас се појавува широкиот простор на крајбрежјето.

По кејот се движат голем број туристи. Некои застануваат покрај оградата и гледаат во далечина, други седнуваат во едно од кафулињата.

Кафето покрај море, пак, е посебен ритуал – без брзање, со поглед кон големите камења, кои всушност се плажа, каде туристите ги оставаат пешкирите, се сончаат и скокаат да се разладат.

Овде еспресо се пие за две евра, макијато 2,30, додека цената на пиранско капучино изнесува 2,50 евра.

А покрај морето, Пиран има и своја поинаква, гастрономска приказна. Рестораните се редат долж брегот, со тераси свртени кон Јадранот. Тука, со звукот на брановите во позадина, се ужива во свежа риба и морски специјалитети, локални вкусови и чаша добро вино. Во еден од најпосетените ресторани, секако поради местоположбата, квалитетот и цената на понудата, порција лигни на скара изнесува 15 евра, додека чаша бело вино е 5 евра. Порција морски плодови може да нарачате за 13 евра, а исто толку чини и таканаречениот коктел шкампи, додека порција мешани школки изнесува 18 евра. Во морската понуда се опфатени и разни тестенини со „морски шмек“, меѓу кои шпагети со шкампи за 20 евра, резанци со лосос за 16 евра и меѓу најскапите порции е шпагети со јастог, што чини 98 евра, цена за килограм.

Во Пиран и храната и кафето се дел од доживувањето на градот, а морето е секогаш најубавата декорација.

Пиран тука има сосема друго лице.

Најмногу внимание, сепак, привлекуваат малите рибарски чамци.
Секој од нив како да носи своја приказна. Некои се шарени и уредно закотвени, други изгледаат како да ги паметат сите бури што поминале над ова море. Тивко се нишаат над водата, додека јажињата лесно удираат во кејот.

Градот отсекогаш гледал кон морето и живеел со него. Тука луѓето кои дури и кога немаат никаква причина да застанат, сепак, застануваат за миг да погледнат кон хоризонтот.

И можеби тоа е една од најубавите работи што може да ви се случи во Пиран. Да немате никаква причина да застанете – а сепак да застанете. Да погледнете во морето. Да го почувствувате ветерот. И да сфатите дека понекогаш најубавите моменти од патувањето се токму оние што не сте ги планирале.

Така и ние, наместо да отседнеме еден ден во Љубљана, која ни беше дестинација за летање кон Скопје, го одбравме Пиран.

Кога Пиран се облекува во злато

Дневната сина боја постепено станува потемна, а површината ја фаќа златниот одблесок на сонцето. Истите куќи покрај кои поминавме пред неколку часа сега изгледаат поинаку. Фасадите добиваат топли нијанси. И морето се менува.

Чамците што во текот на денот беа разнишани на пристаништето сега изгледаат мирно, речиси неподвижно. Луѓето полека се собираат покрај брегот. Некој шета без брзање, некој седи на клупа, некој го чека зајдисонцето со фотоапарат во раката. И сите, без многу зборови, ја следат истата природна претстава.

Пиран во тие моменти станува тивок.

Не сосема тивок – од кафулињата допираат разговори и смеа, од морето се слуша лесното удирање на брановите, чекорите минуваат по каменот. Но, дневната брзина исчезнува.

И повторно се враќаме на плоштадот „Тартини“, пред бронзениот споменик на Џузепе Тартини, прочуениот виолинист и композитор роден токму во овој град. Фигурата на музичарот е изработена во надприродна големина, висока 2,45 метри и стои на камен постамент. Особено впечатлива е положбата на споменикот. Неговата оска визуелно го поврзува плоштадот со црквата „Свети Ѓорѓи“, која се издигнува над Пиран. Во непосредна близина се наоѓа и куќата во која е роден Тартини, па споменикот на симболичен начин го „враќа“ големиот музичар во неговиот роден град.

Сега е поинаков од оној што го видовме на почетокот. Градот како да ја затвора дневната приказна и започнува нова – вечерна.

Тука, на плоштадот, можеби најмногу се чувствува дека Пиран е град што треба само да се види. Тој треба да се доживее во различни часови. Наутро, кога улиците се мирни. Напладне, кога сонцето се одбива од морето. Попладне, кога градот е полн со живот. И навечер, кога светлата се палат едно по едно, а морето го враќа одблесокот на градот.

Пиран не е само град на тесни камени улички и медитерански шарм. Неговата приказна е тесно поврзана и со морето, солта и светлината. Во близина се наоѓа Пиранската солана, каде што со векови традиционално се произведува морска сол, благодарение на сонцето, морето и трпеливата човечка работа.

На плоштадот „Тартини“ се наоѓа познатата продавница Пиранска солана, каде што туристите покрај сол, дизајнирано пакувана, можат да купат и призводи за нега на кожата на база на сол, но и најинтересните и најпродавани солени чоколади, по навистина „солена“ цена од околу 6 евра за 100 грама.

Од козметичките производи може да си одберете солен пилинг за тело од 200 грама за 17 евра, различни сапуни, маски за лице…

Неизоставен дел се подароците од Пиран. Во малите продавнички и  дуќанчиња  може да се најдат сувенири инспирирани од морето и локалната традиција. Секако, покрај прочуената пиранска сол, на туристите им се нудат рачно изработени предмети, керамика, торби, маички и капи со пејзаж…., магнети, кои овде чинат околу четири евра. Секој сувенир е мал спомен од градот што мириса на море и Медитеран.

Малиот пазар во Пиран е уште едно место каде што се чувствува локалниот дух. Шарените тезги нудат свежо овошје и зеленчук, локални производи и мали гастрономски задоволства.

Во пријатниот разговор со сопственикот на една тезга на која беа изложени претежно производи од маслиново масло, дознавме дека најверни купувачи се туристите од Австрија и Германија. За разлика од Балканците, како што рече, „тие не се ценкаат“, само се информираат за составот на маслото и купуваат.
Секојдневниот пазарен метеж му дава на Пиран една поинаква, автентична атмосфера – едноставна, жива и медитеранска.

Овде, во близина на пазарчето, се собираат куп галеби научени дека тука имаат сигурен оброк од муштериите на најпосетената пекара во градот, кои на излегување како некој ритуал откинуваат од пецивата и ги посипуваат со трошки камените коцки.

Пекарата не ја одминавме и ние, влеговме од љубопитност, но кога продавачката ни се обрати на македонски јазик и ни кажа дека е од Скопје, а овде работи седум години, се задржавме повеќе од планираното. Ни кажа дека во сезона, која трае до почетокот на октомври, имаат голем метеж и поради понудата, но и поради локацијата, веднаш до пазарчето, во близина на плоштадот, каде има голема фреквенција на туристи. Покрај пецивата, најмногу се купува мала пица која чини три евра, но имаат и кафе за носење од едно евро.

Покрај брегот „налетавме“ на уште едни Македонци кои со години работат во најпознатата слаткарница во Пиран, од 1963 година, каде има редици за сладолед, кој чини три евра за едно топче.

Градот што останува со вас

И можеби токму во тоа е магијата на Пиран – во храната, неговите тесни улички, мирисот на морето, вкусот на пиранската сол и погледот што бескрајно се губи во Јадранот. Град кој не се посетува само со камера и фотоапарат, туку се доживува со сите сетила. А кога ќе заминете, со себе не носите само сувенир, туку и еден мал дел од Пиран – спомен што останува долго по последниот поглед кон морето.

А над градот, на самиот врв на Пиранскиот полуостров, светилникот и денес го чува споменот на времето кога морето било главниот пат до градот. Од соланата до светилникот – две места што на свој начин ја раскажуваат неразделната врска меѓу Пиран и Јадранското Море.

Заминувањето од Пиран доаѓа некако пребрзо. Уште еднаш погледнуваме кон морето, кон старите куќи покрај брегот, кон камбанаријата што се издигнува над црвените покриви. Уште еднаш ги минуваме истите тесни улички низ кои пред неколку часа поминавме без да знаеме каде точно не водат.

Сега, само за еден ден поминат овде, веќе ги препознаваме.