Реклама

Мицкоски: Со Бугарија имаме билатерален спор, потребна е вклученост на ЕУ за да ги слушне аргументите на двете страни

Мицкоски: Потребни се брзи испораки од ЕУ со цел да се намалат фрустрациите на граѓаните од Западен Балкан

Сиљановска Давкова ја одликуваш научничката Светлана Мојсов со орден „8 септември“ за заслуги во биохемијата

Кочани доби центар за услуги – документи без шетање по институции

Николоски: ќе се гради експресен пат од Радовиш до границата со Бугарија

Цврсто во НАТО, стратешки со САД и со јасни правила за членство во Европската Унија – силни и јасни пораки на премиерот Мицкоски од Њујорк

Мицкоски се сретна со Гутереш: Потврдена одличната соработка меѓу Обединетите нации и Македонија

Мицкоски од Њујорк: Македонците ќе го преземат својот дел од одговрноста, ние сме мала земја, но одбиваме тоа да го одредува размерот на нашата амбиција

Министерство за транспорт: Македонија и Бугарија прават нов исчекор кон изградбата на прекуграничниот железнички тунел

Обраќање на премиерот Христијан Мицкоски на 81. Генерално собрание на Обединетите нации

Мицкоски: Обединетите нации мора да останат релевантни и да го штитат човечкото достоинство

Мицкоски во ОН: Развој на инфраструктурата и на новата економија за запирање на миграцијата

Македонија

Филмскиот критичар Димитровски: ИФФК „Браќа Манаки“ годинава со најбогат филмски репертоар, прекрасно е што градот има посебно кино „Манаки“ именувано според браќата

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ годинава е со најбогат филмски…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ годинава е со најбогат филмски репортоар вели, Душко Димитровски, новинар и филмски критичар, поранешен новинар на сараевско „Ослобоѓење“ („Oslobođenje“), денес почесен член на Филм Архив Австрија во Виена. Посебно се радува што годинава, вели, има два одлични македонски филма на отворање и затворање, но исто така и одлични документарни македонски филмови.

Димитровски кој го следи фестивалот во Битола од самиот почеток, а последниве три децении континуирано и без прекин, вели дека ИФФК „Браќа Манаки“ има голема улога за светска афирмацијата на кинематограферите, и посебно на македонската кинематографија во светот. Најдоброто од Македонија за филмскиот свет се актерот Петре Прличко и филмовите „Црно семе“ на Кирил Ценевски и „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, вели во интервјуто за МИА реализирано за време на годинашното издание на ИФФК „Браќа Манаки“.

Душко Димитровски е новинар и филмски критичар, роден во Скопје, по татко Македонец (роден во Кочани) и по мајка Босанец, кој од својата трета година живее во Сараево каде го оформува своето образование. Од 1992 година живее и работи во Виена како филмски критичар за цел Западен Балкан, и е почесен член на Филм Архив на Австрија.

Реклама

Како почна љубовта и вашата посветеност кон филмот?

-Роден сум во Скопје, но од тригодишна возраст живеев во Сараево се до почетокот на несреќната војна. Во Сараево завршив основно и средно училиште и Правен факултет, но мојот интерес отсекогаш беше филмот. Љубовта кон филмот ја почнав како средношколец членувајќи во Клубот за филм „Ријеч младих“ („Riječ mladih“) во Сараево. Во тој клуб членуваа младинци кои подоцна станаа големи режисери како што се Емир Кустурица, Алмир Кеновиќ, Данис Тановиќ единствен добитник на Оскар од нашево подрачје. Клубот иако беше аматерски, сепак работеше како филмска академија и многу од членовите станаа врвни уметници. Во еден период јас бев претседател на Клубот, организиравме дебати, емитувавме филмови и водевме разговори, ја ширевме филмската култура. Подоцна почнав да соработувам со студентскиот весник „Наши дани“ („Naši dani“) каде пишував филмска критика. Мојата работа беше забележана во националниот весник „Ослобоѓење“ („Oslobođenje“),  и од тогаш, до денес работам филмска критика. Како новинар членував во Здружението на новинарите на БиХ, а како филмски критичар член во Здружението на филмски работници на БиХ. 

Кога прв пат дознавте за фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“?

-Никогаш нема да ја заборавам првата соработка со фестивалот во Битола. Таа датира од времето на поранешната држава, секогаш добивам покана и се чувствувам како драг гостин. Првите контакти почнаа во Пула на тогашниот Фестивал на југословенскиот филм денес „Пула филмски фестивал“ со регионално значење. Зошто тоа го велам, затоа што во Пула во тоа време се собираа македонската, словенечката, босанската и останатите кинематографии од кои подоцна никнаа посебни фестивали како што сега е фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“. Прв пат на фестивалот во Битола дојдов во 1982 година, потоа имаше мал прекин, но откако добив покана од Благоја Куновски Доре, јас како филмски критичар тука сум скоро три децении и во континуитет доаѓам во Битола, дури и во периодот на короната. Лично мислам дека по осамостојувањето на државата овој фестивал доби уште поголемо значење бидејќи се прошири, доби меѓународен предзнак и е со светско значење. Во светот има три фестивали посветени на кинематограферите, а еден од нив е „Браќа Манаки“ и тој помага камерманите да добијат посебно внимание. Сакам да истакнам дека како човек задолжен за подготовка на ретроспектива на филмови од ова подрачје, на моја иницијатива во Филмскиот Архив на Австрија се презентираа македонски филмови со посебен осврт на филмови кои се емитувале на фестивалот „Браќа Манаки“ и тоа беше многу популарно, со одличен прием во австрискиот печат.

На кои филмски фестивали учествувате, освен секако на ИФФК „Браќа Манаки“?

-Ако е дозволено да се пофалам, јас сум еден од ретките филмски критичари на подрачјето на бивша Југославија кој годишно (и секоја година, нагласува Димитровски) посетува 15 филмски фестивали. Во моментов гостувам во Битола на 12. по ред фестивал за оваа година. Претходно бев во Венеција, Берлин и Кан како најголеми фестивали во светот. Впечатоците се прекрасни и од Грац, Линц, Инсбрук, Пула, Сараево, а штом заврши фестивалот во Битола, ќе се подготвам за филмските фестивал во Виена и тн. Често пати сум дел од меѓународното фестивалско жири, ја анализирам фестивалската понуда и останатите сегменти на важен културен настан.

Што мислите за годинешната понуда на ИФФК „Браќа Манаки“?

-Годинава ИФФК „Браќа Манаки“ е најуспешен со понудата и е со најбогат репертоар. Тоа го истакнувам затоа што како што претходно посочив, тука сум повеќе од три децении. Посебно се радувам што годинава има два одлични македонски филма на отворање и затворање, но исто така и одлични документарни македонски филмови. Ова е најдоброто место за нивно емитување. Филмот „Скејтањето не е за девојчиња“ прв пат го гледав во Сараево и забележав дека тоа е филм кој дава нов поглед на Ромите. Македонскиот филм е оригинален и прикажува повеќе страни на Ромите кои успешно ги изработила младата режисерка Дина Дума. Лично мислам дека организаторот одлично постапи што одлучи со овој филм да почне ИФФК „Браќа Манаки“.

Кои македонски филмови, актери, режисери можете да ги издвоите, кои сте ги гледале или анализирале во кариерата?

-Можам да зборувам за повеќе македонски филмови, но еден според мене е без конкуренција, а тоа е филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски. Кога филмски критичари ме прашуваат што можам да издвојам од филмовите по распадот на поранешната држава и што да им предложам да гледаат, јас веднаш им предлагам – гледајте го „Пред дождот“. Но, веднаш ќе кажам дека во Македонија посебно голем филм е филмот „Црно семе“ на Кирил Ценевски. Ја следам и помладата генерација, посебен впечаток оставаат сестрите Лабина и Теона Митевска кои секогаш нудат врвен филмски производ. Кога зборувам за Лабина, слободно ќе речам дека е и одличен продуцент. А, кога станува збор за актерите, тогаш според мене без конкуренција е Петре Прличко. Тоа беше голем глумец. Прличко долго никој неможе да го  достигне. Ако не е проблем, ќе го споредам со големината на еден актер како што беше Павле Вујисиќ.

Што друго воочивте на годинешниот ИФФК „Браќа Манаки“?

-Многу е лесно да се забележи дека градот одлично, би рекол премногу се труди да го афирмира фестивалот. Насекаде е видлив, организаторите максимално се посветени, но според мене битолчани, публиката не е присутна во очекуван број во салите каде се емитуваат филмовите. Го слушнав директорот Димитрија Доксевски кој на отворањето рече дека филмофилите треба да бидат во кино салите и во наредните денови, но за жал тоа не го забележувам. На други фестивали, фестивалските вечери се максимално и постојано посетени, а не само на отворање или само на затворање на фестивалот. Ова разберете го како добронамерна забелешка. Граѓаните треба малку повеќе да бидат во кино салите. Фестивалот не е за промоција на модерна облека, туку за вештините на камерманите кои создаваат филм. За утеха, со овој проблем не сте осамени. Слично се случува и во Инсбрук, но тоа треба да се менува.

Што би им препорачале на организаторите на фестивалот?

-Да ја продолжат востановената традицијата, да се проширува фестивалот за кој имам чувство како да е фестивал -две во едно- односно фестивал на филмови снимени во тековна година, и фестивал на снимателите, односно кинематограферите. Прекрасна е глетката, а потоа и чувството кога ги забележувате како кинематограферите од светот се дружат во Битола, разговараат, разменуваат стручни мислења, планираат идни соработки…тоа е дополнителен квалитет кој го процени и Филм Архив Австрија каде сега сум почесен член. Тие се верни поддржувачи на мојата мисија и професија, а тоа што со нивна согласност сум тука потврдува колкаво е значењето на овој фестивал во Битола. И уште нешто, прекрасно е тоа што има градот посебно кино „Манаки“ именувано според браќата Манаки. Можеби треба да се направи некоја дополнителна туристичка атракција за ова кино во Битола, изјави во интервјуто, Душко Димитровски, новинар и филмски критичар.