Реклама

Нови авиолинии и директна врска со Дубаи: Tуризмот во пораст благодарение на добрата поврзаност

100 години Зоолошка градина во Скопје – почна прославата на јубилејниот роденден

Дипломатско одмерување на силите или придвижување: Софија со прва реакција на предлогот за европско посредување во дијалогот

Почнува со работа Истражниот центар во штипското обвинителство

Системот „Сејф сити“ се шири: Oд 12 октомври камерите почнуваат со работа во Oхрид, Струга, Кичево и Дебар

Мицкоски ќе се обрати пред Генералното Собрание на ОН: Ќе бидат претставени јасните и цврсти позиции на Македонија

Димитриеска-Кочоска: Од автомобилски компании до дата центри за поголем економски раст

Во Њујорк средба Мицкоски-Вучиќ, разговарано за унапредување на соработката

Кардиоваскуларните болести водечка причина за предвремена смртност во Македонија

Експерти од 15 земји на штипскиот универзитет: Вештачката интелигенција е алатка, но крајната одлука е на човекот

„Безбеден град“ и засилените контроли го намалуваат црниот биланс на патиштата

„Фронтот за спас“ удри по Филипче: Со него СДСМ нема никаква иднина, им се заканува изборна кланица

Македонија

Препораки од 25. Мешовит парламентарен комитет ЕУ – Македонија, потврдена силната поддршка за европскиот пат на земјата, заснован на објективен и мерлив напредок

Мешовитиот парламентарен комитет Европска Унија – Македонија, во рамките на 25. состанок,…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Мешовитиот парламентарен комитет Европска Унија – Македонија, во рамките на 25. состанок, што се одржа денеска и вчера во Скопје, донесе заеднички препораки во кои се потврдува силната поддршка за патот на земјата кон полноправно членство во ЕУ, заснован на објективен и мерлив напредок, правични и строги услови и спроведување на трансформативните реформи неопходни за исполнување на критериумите за пристапување. 

Во документот се нагласува дека политичките заложби треба да бидат проследени со видливи резултати во однос на владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата, основните права и добрососедските односи и се потсетува дека понатамошниот напредок во процесот на пристапување мора и понатаму да се оценува строго врз основа на заслугите. Се наведува дека се препознаваат постигнувањата на земјата во надминувањето на значајни предизвици на нејзиниот пат како независна држава и потсетува на континуираната важност на меѓупартиската соработка при усогласувањето на националното законодавство со правото на ЕУ во текот на преговорите за пристапување. 

Потсетувајќи дека процесот на проширување останува европски приоритет и клучна геополитичка инвестиција, се повикуваат земјите членки, Советот и Комисијата да одржуваат предвидлив, веродостоен и меритократски процес на пристапување, со што ќе се зајакнат јавната доверба и поддршката за проширувањето на ЕУ во земјите кандидати. Исто така, се потсетува дека Македонија останува меѓу земјите кандидати со најдолг статус добивајќи го тој статус пред повеќе од две децении и во таа насока го повикува Советот да ги отвори преговорите за Кластерот 1 штом ќе бидат исполнети соодветните критериуми. 

Реклама

Во документот, меѓу другото, се нагласува дека културните, јазичните и националните идентитети се суштинска основа на секоја земја. – Понатаму, констатира дека разните ставови за ваквите прашања не треба да влијаат врз заснованиот на заслуги процес на пристапување кон ЕУ, кој се фокусира на спроведувањето на правото на ЕУ и усогласувањето со вредностите и принципите на ЕУ, критериумите од Копенхаген, преговарачката рамка и принципите на добрососедските односи – се посочува во заедничките препораки. 

Следниот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет е најавен за декември во Стразбур. 

Во продолжение интегрално ги објавуваме препораките од 25. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Европска Унија – Македонија

ЗАЕДНИЧКИ ПРЕПОРАКИ

Мешовитиот парламентарен комитет го одржа својот 25. состанок во Скопје на 24 и 25 септември 2026 година под заедничко претседавање на г. Карло РЕСЛЕР (ЕПП, Хрватска) и г-ѓа Иванка ВАСИЛЕВСКА (ВМРО-ДПМНЕ, Македонија). 

На оваа седница Комитетот оствари размена на мислења со:

·       г. Зоран ДИМИТРОВСКИ, заменик-министер за надворешни работи и надворешна трговија, и г-ѓа Викторија ТРАЈКОВ, заменик-министер за европски прашања, во име на Владата на Македонија, 

·       г. Михалис РОКАС, амбасадор на Европската Унија во Македонија, во име на Европската комисија и Европската служба за надворешни работи,

·       г. Брендан ВАРД, ирски амбасадор во Македонија, во име на ирското претседателство на Советот.

Мешовитиот парламентарен комитет размени мислења за односите меѓу Европската Унија и Македонија за основните права и слободата на говорот, владеењето на правото и борбата против корупцијата, перспективите за пристапните преговори, добрососедските односи, регионалната соработка и регионалната стабилност, прашањата за животната средина, транспортот, енергетската и инфраструктурната поврзаност, како и за вештачката интелигенција и дигитализацијата.

Мешовитиот парламентарен комитет, во согласност со членот 3 од својот Деловник, на институциите на Македонија и на Европската Унија им ги упатува следниве препораки:

Земајќи ги предвид:

А. Заклучоците на Советот од 26 јуни 2018 година за процесот на проширување и стабилизација и асоцијација, од 25 март 2020 година за процесот на стабилизација и асоцијација, од 14 декември 2021 година за процесот на проширување и стабилизација и асоцијација, од 24 јуни 2022 година заклучоците на Советот за проширување – Македонија и Албанија, од 18 јули 2022 година, со кои се одобрува преговaрачката рамка со Македонија и одржувањето на меѓувладината конференција на 19 јули 2022 година;

Б. Заклучоците на Европскиот совет за проширување од 18 декември 2025 година;

В. Соопштението за новиот план за раст за Западен Балкан (COM (2023) 691 финален и Регулативата (ЕУ) 2024/1449 на Европскиот парламент и на Советот од 14 мај 2024 година за воспоставување на механизмот за реформи и раст за Западен Балкан;

Г. Реформската агенда на Македонија, како што е одобрена од Комисијата во рамките на програмата за реформи и раст за Западен Балкан од 23 октомври 2024 година;

Д. Декларацијата од самитот ЕУ – Западен Балкан одржан во Брисел на 17 декември 2025 година;

Ѓ. Имајќи ги предвид самитите на ЕУ и Западен Балкан одржани во Софија, Загреб, Брдо кај Крањ, Брисел и Тиват, во 2018, 2020, 2021, 2025 и 2026 година, соодветно, и нивните декларации;

Е. Извештајот на ЕК за Македонија од 4 ноември 2025 година;

Ж. Резолуцијата на Европскиот парламент од 11 март 2026 година за стратегијата за проширување на ЕУ (2025/2061(INI));

З. Резолуцијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа за затворање на постмониторинг-дијалогот со Македонија од 8 јануари 2026 година;

Ѕ. 19-тиот состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација (КСА) помеѓу Европската Унија и Македонија од 10 февруари 2026 година во Скопје;

И. Партнерството за безбедност и одбрана и помошта од ЕУ во рамките на Европскиот мировен фонд;

Ј. Резолуцијата на Европскиот парламент од 24 октомври 2019 година за отворање пристапни преговори со Македонија и Албанија (2019/2883(RSP));

К. Резолуцијата на Европскиот парламент од 17 јуни 2026 година за извештајот на Комисијата за Македонија од 2025 година (2025/2254(INI));

Л. Заедничките препораки од 24. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет од 26 и 27 ноември 2025 година во Стразбур;

1. Ја потврдува својата силна поддршка за патот на Македонија кон полноправно членство во ЕУ, заснован на објективен и мерлив напредок, правични и строги услови и спроведување на трансформативните реформи неопходни за исполнување на критериумите за пристапување; нагласува дека политичките заложби треба да бидат проследени со видливи резултати во однос на владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата, основните права и добрососедските односи; потсетува дека понатамошниот напредок во процесот на пристапување мора и понатаму да се оценува строго врз основа на заслугите; 

2. Ги препознава постигнувањата на Македонија во надминувањето значајни предизвици на нејзиниот пат како независна држава и потсетува на континуираната важност на меѓупартиската соработка при усогласувањето на националното законодавство со правото на ЕУ во текот на преговорите за пристапување; 

3. Потсетувајќи дека процесот на проширување останува европски приоритет и клучна геополитичка инвестиција, ги повикува земјите членки, Советот и Комисијата да одржуваат предвидлив, веродостоен и меритократски процес на пристапување, со што ќе се зајакне јавната доверба и поддршката за проширувањето на ЕУ во земјите кандидати; потсетува дека Македонија останува меѓу земјите кандидати со најдолг статус, добивајќи го тој статус пред повеќе од две децении; во таа насока, го повикува Советот да ги отвори преговорите за Кластеот 1 штом ќе бидат исполнети соодветните критериуми;

4. Ја нагласува важноста од зачувување на кредибилитетот на Европската Унија и нејзините вредности, како и од обезбедување дека долготрајната неизвесност нема да ја поткопа довербата на јавноста и посветеноста кон патот за пристапување кон ЕУ; истовремено ја нагласува потребата од градење доверба кај граѓаните на ЕУ во процесот на проширување имајќи предвид дека одржливоста на идното пристапување на Македонија ќе зависи и од одржувањето на јавната поддршка во земјите членки;

5. Нагласува дека кредибилитетот на процесот на пристапување бара почитување на преземените обврски од двете страни; затоа истаккува дека штом Македонија ќе ги исполни договорените критериуми и одредници, Европската Унија треба да одговори со соодветен напредок во процесот на пристапување на навремен и предвидлив начин;

6. Го поздравува видливиот напредок постигнат од Македонија во спроведувањето на реформската агенда во рамките на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан – при што земјата го доби најголемиот износ на финансиска помош во регионот – за спроведените реформи и преземените мерки за подобрување на финансирањето на основното и средното образование и за проширување на пристапот до дигитална инфраструктура и ИТ-опрема во училиштата, кои придонесуваат кон модернизација и понатамошен развој на општеството, економијата и институциите и носат конкретни придобивки за граѓаните; нагласува дека понатамошните исплати во рамките на Инструментот за реформи и раст треба да останат строго поврзани со навременото и проверливо исполнување на договорените реформски чекори и клучни етапи, придружени со транспарентно следење на нивното спроведување и конкретни резултати за граѓаните;

7. Го поздравува усвојувањето од страна на Парламентарното собрание на Советот на Европа на Резолуцијата за затворање на пост-мониторинг дијалогот со Македонија, со што се признава континуираниот напредок на земјата во однос на демократијата, владеењето на правото, човековите права и соработката со Советот на Европа;

8. Ја поздравува континуираната стабилност на меѓуетничките односи во Македонија и го охрабрува доследното спроведување на Охридскиот рамковен договор, како во однос на словото, така и во однос на духот, вклучително и преку механизмите за правична застапеност; ги повикува сите чинители да ја зачуваат стабилноста и кохезијата на земјата, да го промовираат дијалогот, соработката и размената меѓу етничките и малцинските заедници и да се воздржуваат од реторика што предизвикува поделби;

9. Ги поздравува континуираните напори на Македонија за заштита на нејзиниот мултикултурен и мултиетнички карактер; ги повикува сите засегнати страни да ја забрзаат работата на акцискиот план за заштита на малцинствата и да го завршат усогласувањето на правната и институционалната рамка за недискриминација со законодавството на ЕУ, вклучително и преку напредок во акцискиот план за заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинства и заедници, и изразува жалење за сите инциденти мотивирани од омраза; охрабрува понатамошни инклузивни мерки за промовирање на различноста, еднаквоста и социјалната кохезија, како и ефикасно зајакнување на правата на лицата кои припаѓаат на сите малцинства и заедници, а воедно и заштита на конструктивните односи меѓу заедниците;

10. Ја поздравува Националната акциска програма за правата на детето 2025–2029 година и повикува нејзиното спроведување да биде проследено со соодветни човечки и финансиски ресурси; констатира дека децата се значително поизложени на ризик од сиромаштија отколку возрасните, при што несразмерно се погодени ромските деца, децата од големи семејства и семејства со еден родител, како и децата со попреченост; ја охрабрува Македонија да продолжи со спроведувањето на Европската гаранција за децата и да продолжи да инвестира во згрижувачките семејства и во услугите за поддршка на семејствата; ја нотира Стратегијата за вклучување на Ромите 2022–2030 година и повикува на нејзино доследно спроведување;

11. Нагласува дека културните, јазичните и националните идентитети се суштинска основа на секоја земја; понатаму, констатира дека различните ставови за ваквите прашања не треба да влијаат врз заснованиот на заслуги процес на пристапување кон ЕУ, кој се фокусира на спроведувањето на правото на ЕУ и усогласувањето со вредностите и принципите на ЕУ, критериумите од Копенхаген, преговарачката рамка и принципите на добрососедските односи;

12. Го забележува напредокот во исполнувањето на почетните одредници (бенчмаркови) за кластерот „Основи“, вклучително и преку патоказите за реформа на јавната администрација и поглавјата за владеење на правото и ја охрабрува Македонија да ја заврши преостанатата работа преку транспарентен и инклузивен процес со вклучување на релевантните чинители, вклучително и граѓанското општество;

13. Го поздравува напредокот постигнат во спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудството за периодот 2024–2028 година и ја охрабрува Македонија да ја забрза нејзината имплементација и да го одржи реформскиот моментум преку зајакнување на меѓуинституционалната соработка, обезбедување редовно следење и обезбедување соодветни ресурси за нејзино ефективно спроведување;

14. Го поздравува усвојувањето на новиот Закон за Судскиот совет, со кој се зајакнува усогласеноста со европските стандарди преку подобрување на транспарентноста и јасноста на постапките за именување судии и дисциплинските постапки, зајакнување на барањата за образложување на одлуките на Советот и воведување поплуралистички процес на избор на членови кои не се судии, во согласност со препораките на Венецијанската комисија и Оценската мисија од 2023 година;

15. Констатира дека сèвкупната правна рамка за основните права е во голема мера усогласена со европските стандарди и ги поздравува измените на Кривичниот законик со кои се зајакнува усогласеноста со Истанбулската конвенција, вклучително и преку одредбите за силувањето, родово заснованото насилство, семејното насилство и споделувањето интимни снимки без согласност; повикува на подобрување на спроведувањето на рамката за родова еднаквост со цел да се обезбеди подобар квалитет на живот за жените во политичката, економската и социјалната сфера;

16. Го поздравува назначувањето на новиот народен правобранител,  подржува одржување јавни расправи за именувања на јавни функции и охрабрува продолжување на оваа пракса со која се придонесува кон поголема транспарентност и јавен надзор; 

17. Ги нагласува стабилните резултати во борбата против корупцијата, вклучително и во случаите на високо ниво, што се потврдува со континуираното покренување истраги против актуелни и поранешни високи функционери, кои резултираат со обвиненија и тековни судски постапки;

18. Ја поздравува финализацијата на новата Национална стратегија за спречување на корупција и судир на интереси за периодот 2026–2030 година, изработена преку инклузивен процес со учество на организациите на граѓанското општество и го поздравува нејзиниот понасочен и стратешки пристап, вклучително и посилниот фокус на секторите со висок ризик, појасните институционални надлежности и интегрирањето на буџетското планирање за поддршка на поефективна имплементација;

19. Ги препознава чекорите преземени за подобрување на транспарентноста на сопственоста врз дигиталните медиуми, вклучително и проширувањето на опсегот на Законот за медиуми врз онлајн медиумите, воспоставувањето правна основа за Регистарот на онлајн медиуми и започнувањето на подготовките за усогласување со Европскиот акт за слобода на медиумите; го поздравува именувањето на новите членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и нејзината подобрена финансиска независност; ги повикува надлежните органи без натамошно одлагање целосно да се усогласат со Европскиот акт за слобода на медиумите, да усвојат правна рамка што ефективно ги штити новинарите, бранителите на човековите права, еколошките активисти и другите засегнати страни од стратешки тужби против учеството на јавноста (SLAPP) и да ги спроведат одредбите од Директивата на ЕУ за заштита од SLAPP; понатаму, повикува на усвојување цврсти правила за сајбер-безбедност и транспарентност на онлајн-кампањите со цел да се заштитат изборните процеси од штетно странско мешање и манипулација со информации; повикува на натамошно усогласување на правната рамка што ги регулира медиумите со правните текови на ЕУ, како и поефективното спроведување на законите за заштита на новинарите;

20. Го забележува континуираниот придонес на Советот за етика во медиумите кон промовирањето на етичките стандарди, одговорното новинарство и саморегулацијата на медиумите, и ги охрабрува понатамошните напори за зајакнување на почитувањето на Кодексот на етика, зголемување на ефективноста на саморегулацијата и обезбедување на долгорочна одржливост на Советот; 

21. Ги охрабрува континуираните напори за зајакнување на правната и институционалната рамка со цел да се обезбеди заштита на новинарите, вклучително и во однос на онлајн вознемирувањето и родово заснованото насилство, како и преку усогласување со Директивата против SLAPP-тужбите и соодветно реагирање на закани, заплашување и говор на омраза;

22.       Потсетува дека меѓупартиската соработка останува од суштинско значење за забрзување на спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ; во тој контекст, ги повикува сите политички чинители дополнително да го зајакнат парламентарниот дијалог и да изградат широк консензус за клучните прашања од национално значење, во најдобар интерес на граѓаните;

23.       Го поздравува широкиот консензус во Собранието за спроведување на новиот Деловник, што придонесе за подобрена парламентарна ефикасност и зајакнување на неговата надзорна улога преку редовно организирање седници за пратенички прашања, како и за поттикнување поголема употреба на редовната законодавна постапка со цел да се обезбеди инклузивно и транспарентно донесување закони; го поздравува усвојувањето на новиот Кодекс за етичко однесување на пратениците и формирањето на работна група за следење на спроведувањето на Кодексот, со цел да се воспостави јасна рамка за транспарентност и интегритет на пратениците;

24. Ја повикува Македонија да ја унапреди задоцнетата сеопфатна изборна реформа и да ги спроведе преостанатите препораки на ОБСЕ/ОДИХР и на Венецијанската комисија преку транспарентен и инклузивен процес во кој ќе бидат вклучени сите релевантни чинители;

25. Ги поздравува чекорите преземени за спроведување на Реформската агенда и на повеќегодишната програма за работа во рамките на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан; повикува на забрзано спроведување на Агендата за реформи, особено во однос на кластерот за основите;

26. Го поздравува опкружувањето што продолжува да овозможува зајакнување на граѓанските организации; особено го поздравува повторното функционирање на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како и барањето на Собранието за измена на Деловникот со цел да се овозможи именување членови од граѓанскиот сектор во Комисијата за избор на кандидати за членови на Судскиот совет и јавни обвинители; исто така, ја поздравува одлуката за именување претставници на граѓанските организации во Комитетот за следење на Инструментот за реформи и раст и на Реформската агенда 2024-2027; ги охрабрува понатамошните инклузивни консултации и транспарентните механизми за поддршка на граѓанското општество; и неговото суштинско учество, вклучително и во сите фази на Агендата за реформи и на Инструментот за раст; повикува на усогласување на законодавството што го регулира граѓанското општество со меѓународните стандарди; повикува на транспарентно јавно финансирање на организациите на граѓанското општество;

27. Ги поздравува континуираните напори на Владата за зајакнување на соработката со организациите на граѓанското општество, особено преку усвојувањето на Стратегијата за соработка со и развој на граѓанското општество 2025–2028 и активното ангажирање на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество;

28. Го препознава напредокот постигнат во реформата на јавната администрација и дигиталната трансформација, кои придонесуваат кон поголема транспарентност и ефикасност во јавниот сектор, вклучително и преку усвојувањето на законодавство за електронска идентификација усогласено со прописите на ЕУ;

29. Ја поздравува интеграцијата на Македонија во географскиот опфат на Единствената област за плаќања во евра (SEPA) и ги признава значајните напори вложени во усогласувањето на нејзините национални системи и прописи за плаќање со стандардите на ЕУ; нагласува дека ова е доказ за континуираните напори на Европската комисија уште повеќе да ги приближи граѓаните и бизнисите до Унијата, како и  практичен пример за влијанието на Планот за раст, кој овозможува постепен пристап до одредени области на единствениот пазар, во согласност со стандардите и прописите на ЕУ;

30. Ја поздравува примената на режимот на ЕУ „роаминг како дома“ и во Македонија и во Западен Балкан, што ќе донесе конкретни придобивки за граѓаните и за деловните субјекти преку зајакнување на поврзаноста, мобилноста и економските врски;

31. Ја повторува важноста од одржување добри односи со другите земји опфатени со процесот на проширување и со соседните земји, како суштински елемент на процесот на проширување; нагласува дека постоечките договори со соседните земји – кои се сметаат за клучни за инклузивна регионална соработка и за добрососедски односи, вклучително и меѓународниот Преспански договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија – треба да бидат спроведени со добра волја од сите страни;

32. Го поздравува значајниот придонес на Македонија кон инклузивната регионална соработка и иницијативите за стабилност, особено нејзиното активно учество во иницијативи како што се Берлинскиот процес, Планот за раст за Западен Балкан и спроведувањето на договорите за заеднички регионален пазар;

33. Ја нагласува важноста од натамошно зајакнување на соработката со земјите-членки на ЕУ, вклучително и преку размена на експертиза и најдобри практики за поддршка на процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ; во тој контекст, го поздравува Договорот за стратешка соработка меѓу Владата на Република Хрватска и Владата на Македонија, потпишан во Охрид на 26 мај 2026 година; ја истакнува важноста од унапредување на прекуграничната соработка за прашања што директно влијаат врз животот на граѓаните, вклучително и во ситуации поврзани со хуманитарни прашања, итни интервенции, природни катастрофи и здравствена заштита, во согласност со Повелбата на ЕУ за основните права;

34. Го поздравува напредокот во зајакнувањето на прекуграничното поврзување, вклучително и договорот меѓу Бугарија и Македонија за изградба на прекуграничен железнички тунел, во соработка со Европската инвестициска банка, ЕБОР и ЕУ, што придонесува за завршување на TEN-T Коридорот VIII и зајакнување на регионалната соработка, мобилност и економски врски; ја нагласува потребата од интензивирање на напорите и обезбедување навремено и ефективно спроведување на договорените проекти во пракса, со цел долгогодишните заложби да се претворат во опипливи резултати на терен; понатаму, го поздравува очекуваниот договор за прекуграничното железничко поврзување меѓу Македонија и Грција, кое е дел од коридорот X на мрежата TEN-T, и ги охрабрува неговото брзо склучување и ефективна имплементација, како важен чекор кон зајакнување на регионалната поврзаност и интеграцијата во европските транспортни мрежи;

35. Нагласува дека билатералните прашања меѓу земјите треба да се решаваат преку конструктивен дијалог, во целосна согласност и со почитување на меѓународното право и на неговите начела на добронамерност (bona fides) и заемна соработка, како и со суштинско вклучување на граѓанското општество и експертите, и да не бидат инструментализирани во контекст на процесот на пристапување; 

36. Ја повторува суштинската улога на зајакната културна и образовна соработка во градењето на меѓусебно разбирање, помирување и долгорочна стабилност во регионот; го поздравува, особено во овој поглед, организирањето на културни настани низ регионот, како што е настанот од јули 2026 година во Скопје, кој собра 240 музичари од Грција, Македонија и Бугарија, покажувајќи дека музиката нема граници и ги обединува луѓето; ги охрабрува понатамошните напори во овој поглед на друго поле од заемен интерес меѓу земјите во регионот за зближување на луѓето и бизнисите и подобрување на севкупните меѓусебни односи;

37. Го поздравува континуираното усогласување на Македонија со надворешната, безбедносната и одбранбената политика на ЕУ, вклучително и рестриктивните мерки на ЕУ поврзани со руската агресија против Украина и нејзиното учество во мисиите и операциите на ЕУ и ја поздравува нејзината улога како членка на НАТО и нејзината подготвеност да ја зајакне соработката со ЕУ во безбедноста и одбраната;

38. Ја поздравува операционализацијата на Партнерството за безбедност и одбрана и посветеноста на ЕУ да обезбеди континуирана поддршка во 2023, 2024, 2025 и 2026 година, преку Европскиот мировен фонд, за зајакнување на капацитетите на Армијата и нејзината оперативна подготвеност, со што се зголемува потенцијалот на земјата да придонесе кон операциите и мисиите во рамките на Заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ, како и кон меѓународните коалиции;

39. Повикува на зајакната соработка меѓу Македонија и Европската Унија во справувањето со хибридни закани, странска манипулација со информации и мешање, дезинформации и сајбер-ризици; ги охрабрува понатамошните напори за зајакнување на отпорноста на демократските институции и општеството, вклучително и преку подобрена сајбер-безбедност, стратешка комуникација, медиумска писменост и независна проверка на факти;

40. Ја повикува Македонија да го забрза напредокот во законодавството за животна средина и да преземе итни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот и водата, управувањето со отпадните води и контролата на загадувањето, вклучително и преку зголемени инвестиции, зајакнат надзор и транспарентно, инклузивно креирање политики со вклучување на релевантните чинители.