Новиот предлог-закон за уредување на пазарите со земјоделски производи предвидува појасна распределба на одговорностите меѓу производителите, откупувачите и преработувачите, како и поголема сигурност за земјоделците при пласманот на нивните производи – истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски на денешната јавна расправа во Министерството за земјоделство.
Како што соопштуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на расправата присуствувале претставници на земјоделски здруженија и задруги, производители, откупувачи, преработувачи, стопански комори, како и научни и стручни институции.
– Земјоделството повеќе нема простор за изнудени и ад хок решенија. Градиме систем што навреме ќе ги препознава ризиците, ќе воспостави ред на пазарите и ќе ја намали неизвесноста со која се соочуваат производителите. Земјоделецот повеќе не смее целиот производствен ризик да го носи сам, а условите за продажба да ги дознава кога производот е веќе набран и неговиот избор е сведен на минимум – порачал министерот Серафимовски.
Тој посочил дека предлог-законот во една целина ги обединува организираниот откуп и договорните односи, пазарните информации, интервентните мерки при сериозни нарушувања на пазарот, организирањето на производителите, училишните шеми, промоцијата на домашните производи и пазарните стандарди.
Според министерот, решението не предвидува административно утврдување на откупните цени, туку воспоставување прецизни правила, поголема транспарентност и механизми за навремено институционално дејствување.
Писмените договори, како што појаснил, ќе се склучуваат пред испораката на производите и однапред ќе ги дефинираат количината, квалитетот, цената или начинот на нејзино утврдување, рокот за плаќање и поврзаните трошоци.

Серафимовски нагласил дека електронската евиденција и јавно достапните податоци за регистрираните откупувачи ќе придонесат за поголема следливост и контрола во организираниот откуп. Дополнително, земјоделскиот пазарен информативен систем и националната опсерваторија ќе обезбедуваат податоци за производството, понудата и побарувачката, резервите, цените, увозот и извозот, со што институциите ќе може порано да ги препознаваат ризиците на пазарот.
Тој посочил и дека значајно место во законското решение имаат организациите и групите на производители, нивните асоцијации и оперативни програми, со цел зајакнување на преговарачката позиција на земјоделците и полесен пристап до поголеми купувачи.
– Силен земјоделец е земјоделец што не настапува сам на пазарот. Затоа создаваме услови производителите да се организираат, да планираат заеднички и да настапуваат со поголема понуда, усогласен квалитет и посилна позиција во преговорите – посочил Серафимовски.
Предлог-законот предвидува и инструменти за јавна интервенција и поддршка за приватно складирање во случаи на сериозни нарушувања или ризици на пазарот, како и усогласување со правилата на Европската Унија за заедничка организација на земјоделските пазари. Според Министерството, решението е насочено кон практична примена од страна на надлежните институции и стопанските субјекти.

