Најмногу нè радува тоа што многумина од гостите на фестивалот беа заинтересирани да дознаат повеќе за нашата книжевност, за македонската поезија, но особено нè радува интересот за новата и млада поезија за која, многумина од авторите, посочија дека е навистина возбудлива, различна и привлечна, велат македонските поети Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски за нивното учество и нивното претставување на Светскиот поетски фестивал во грчкиот град Патра.
Фестивалот се одржува по деветти пат, почна во средата и завршува денеска, а учествуваат 72 поети од 23 земји, меѓу кои и двајцата млади македонски поети, кои како што објаснуваат, учеството е резултат на повеќегодишната соработка помеѓу Скопскиот поетски фестивал и овој во Патра.
Централната тема на оваа годишна беше „Револуцијата започнува со зборовите“, што според организаторите, „фестивалот го истражува начинот на кој поезијата може да стане простор на отпор, преиспитување, мирен соживот и обновување“, а во време на општествени и историски трансформации, поезијата се наметнува како простор во кој зборовите ја стекнуваат моќта повторно да ја осмислат колективната имагинација и да отворат нови можности за комуникација и разбирање.
Медиќ Лазаревски вели дека мотото на фестивалот дава поттик дека, иако поезијата не може од корен да го промени светот, сепак може да прави мали локални промени или, пак, да го освестува локалното за глобалните проблеми, додека пак Велинова, додава дека поезијата може да поттикне општествена промена, но внатрешна, под површината, идејна, психолошка и суптилна промена која ќе се одрази на индивидуално поле.
Непосредно пред завршувањето на фестивалот, Велинова и Медиќ Лазаревски, ги пренесуваат впечатоците и искуството од поетските читања, говорат за приемот на македонската поезија кај публиката и останатите учесници, за нивните идни планови и фестивалите што ги подготвуваат кај нас во следниот период, но и за тоа што значи да се биде млад поет во Македонија.
-Постои и неправедната идеја дека младите денес не читаат и не се запознаени со важните книжевни одредници во Македонија. Сметам дека денес постојат одредени прилики и луѓе кои секогаш стојат зад младите, им ги отвораат патиштата, ги советуваат и ги бодрат, а секако дека не може и без оние кои сакаат да поставуваат пречки. Но, она што навистина ми се допаѓа, е што младите во Македонија, особено можам да зборувам за поетските кругови, не чекаат приликите нив да ги најдат, туку тие сами ги создаваат, објаснуваат двајцата млади поети додаваат дека сепак, институционалната поддршка секогаш може да биде поголема, но токму и затоа младите се погласни, за да можат подобро да бидат слушнати.

Од средата учествувате на Светскиот поетски фестивал во Патра, како дојде до учеството, но и што за вас значи претставувањето на македонската поезија пред поети од над 20 земји?
Велинова и Медиќ Лазаревски: Гостувањето на годинешното издание на Светскиот поетски фестивал во Патра се случува како резултат на повеќегодишната соработка помеѓу Скопскиот поетски фестивал и фестивалот во Патра. Двата фестивали имаат потпишано договор за размена на поети преку кој секоја година грчки поети доаѓаат во Скопје, а македонски поети одат во Патра.
Учеството на меѓународен фестивал е секако од големо значење бидејќи токму фестивалите се местото каде што може многу автори, уредници, преведувачи и организатори на други книжевни фестивали да се запознаат со нашата поезија, како и генерално со македонската книжевност. Секогаш е радост да се биде дел од поетски фестивал токму поради ова вмрежување со други луѓе што ја имаат истата пасија како нас.

Дали имавте поетски читања и свои настапи на фестивалот? Какви беа реакциите на публиката и останатите поети?
Велинова и Медиќ Лазаревски: Овој поетски фестивал е конципиран така што има неколку читања на ден на кои учествуваат повеќе поети. Секој од нас настапуваше четирипати во рамки на групните читања. Ова овозможува во еден час да се слушнат многу различни гласови и поетики, но исто така бара од секој поет да посвети посебно внимание за во своите неколку минути да се претстави и истакне. Нашата поезија претендира да биде игрива, динамична, ритмична, но секако и да создаде одредена слика или ситуација за обмислување. Многу ни е драго што токму тоа ни овозможи да се истакнеме за време на долгите читања. Секако, по завршувањето на читањата си ги коментиравме настапите меѓусебно со другите поети и поетеси и нивните реакции секогаш беа позитивни, со блага доза на изненаденост, заинтересираност во звучноста на јазикот и изразот.

„Револуцијата започнува со зборови“ е мотото на Фестивалот. Може ли навистина поезијата да поттикне општествена промена?
Велинова: Сметам дека општествено-политичкиот контекст во кој се создава поезијата е секогаш проткаен во идеите, зборовите, перцепцијата, намерата и повикот што една песна го има. Затоа, поезијата има потенцијал и текстуална моќ да влијае врз оној кој ја чита или слуша. Оттаму, ќе речам дека поезијата може да поттикне општествена промена, но внатрешна, под површината, идејна, психолошка и суптилна промена која ќе се одрази на индивидуално поле.
Медиќ Лазаревски: Во последно време, со книгата „Багет полн печени полжави полиени со уље истечено од Вардаровите галии“ (2025, Култура Бета), но и со новата книга „Црно под ноктите: огнови, бездни и ѕвезди“ која што ја подготвуваме со издавачката куќа „ПНВ Публикации“, особено ме интересира врската помеѓу зборовите односно поезија и нејзината моќ да го лоцира, препознае, критикува и да си поигрува со општественото. Мотото на фестивалот дава поттик дека, иако поезијата не може од корен да го промени светот, сепак може да прави мали локални промени или, пак, да го освестува локалното за глобалните проблеми.

Што лично вие би сакале да промените со зборовите и вашата поезија?
Медиќ Лазаревски: Со својата поезија, а мислам дека ова може да се каже и генерално за новата млада поетска генерација, се обидувам да покажам дека на македонската книжевна сцена е возможно да се појави поезија која што ќе биде во тек со современата и европска поезија. Мене ми е важно да покажам дека поезијата може да излезе од традиционалните граници, дека може да ги згужва границите, да дојде со целосно нов израз и да покажам дека може да биде и настрана и непатетична, а и забавна.
Велинова: Во последен период, во однос на пишувањето поезија, многу ме интересира јазикот како граѓа што може да се обликува. Поаѓајќи од идејата дека целиот свет го познаваме преку јазикот, размислувам дали и како може да се искористи јазикот, произволно да се измени и преиначи, така што ќе се предизвика ново читателско/слушателско искуство. Промената што сакам да ја видам преку поезијата, без разлика дали моја или туѓа, е поврзана со ова. Во зборови што постојат многу одамна, што се наталожени со значење, да се вметне новина или да се поврзат на начин што ќе означуваат нешто ново од сегашниот миг во кој постоиме. Да се предизвика моментална промена во начинот на кој нашите умови го восприемаат јазикот и го вајаат светот.

Со какви искуства се враќате од Патра и кои се вашите следни планови?
Велинова: Секогаш поетските фестивали делуваат многу исполнувачки и минуваат пребргу. Разговорите со другите поет(ес)и се многу инспиративни, особено на професионален план, бидејќи секој од нас е полн со идеи кои или веќе ги реализира или се обидува да најде начин да ги оствари. Под ова мислам на сите различни видови настани, книги, перформанси, аудиовизуелни проекти кои се случуваат моментално во светот и за кои може да се слушне на поетските фестивали.
Како што доаѓа крајот на летото ангажманите се зголемуваат, особено во книжевниот и културниот свет. Веднаш по враќањето од Патра, со здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ ќе го организираме првиот дел од фестивалот за младинска, алтернативна и критичка култура „Ре-култура“ #3 на 22 и 23 септември. Понатаму, на почетокот од октомври би требало да се случи доделувањето на циклусот награди од поетската манифестација „Анте Поповски“, од кои ја добив наградата за необјавен ракопис од млади поети до 25 години „Антев часовник“. Секако, во меѓувреме го подготвувам ракописот, со наслов „Штрингла“, и тоа е мојот најголем фокус во моментот. Се радувам што некаде на пролет би требало да ја имаме збирката во печатена форма.
Медиќ Лазаревски: Се враќам со убави чувства и со нови пријателства. Секако и со нови контакти, како и можности за нови потенцијални соработки, гостувања и преводи. Паралелно со гостувањето на фестивалот во Патра, и јас и Марија, работевме на финалните подготовки на фестивалот за младинска, алтернативна и критичка култура „Ре-култура“ што го организираме со тимот на нашето здружение „Култура Бета“. Во рамки на фестивалот ќе се случи промоција на стихозбирката „Уриел“ од младиот српски автор Урош Ѓоровиќ што ја преведов од српски на македонски, а меѓу другите настани ќе се случи и промоција на третиот број на списанието „Тригер“ кое, овојпат, е посветено на балканската авангардна култура. Секако, како што споменав, ја финализирам и новата стихозбирка „Црно под ноктите: огнови, бездни и ѕвезди“.

Иако сте млади поети, зад себе веќе имате богато искуство – учества на домашни и меѓународни фестивали, поетски читања и средби со автори од различни средини. Колку ваквите меѓународни настани придонесуваат за вашиот поетски развој и колку е важно поврзувањето со поети од различни земји и култури?
Медиќ Лазаревски: Многу е важна таа комуникација за да не се остане затворен во својата поетика и исклучиво во својата национална книжевност. Како што споменав, важни се меѓународните поетски фестивали токму поради вмрежувањето со автори од сите страни на светот, поради запознавање на различни гласови и секако за отворање на нови хоризонти во сопственото творештво. Важно е да се чујат странските автори што имаат да кажат за твојата поезија, секогаш ми е важно нивното мислење, сугестија и критика бидејќи така стануваме подобри уметници.
Велинова: Поетските фестивали се едно од најважните нешта за поет(ес)ите бидејќи се добива целокупен поглед врз современата поезија. Преку слушање и разговор со поетите и поетесите од различни земји се увидува колку всушност разноврсна може да биде поезијата, на колку различни начини може да ѝ се пристапи, и до каде сè може да се шират границите на поетскиот израз. Притоа, фестивалите создаваат еден простор што се наоѓа во вакуум, каде не постои ништо друго и не е важно ништо друго освен поезијата. На тој начин овозможуваат исклучување од секојдневната реалност и секогаш ме полнат со желба за продлабочување на моето знаење кон светската продукција на поезија, но и мое лично истражување на својот поетски глас. Поврзувањето со останатите учесници и споделувањето на различни искуства нè учи на многу нешта и ни ги проширува видиците, како кон книжевноста, така и кон културата.

Колку на странските поети со кои имавте контакт деновиве се запознаени со македонската поезија?
Велинова и Медиќ Лазаревски: На некои им беше позната, со некои автори се познававме од други фестивали, а некои за првпат слушнаа за нашата книжевност. Најмногу нè радува тоа што многумина од гостите на фестивалот беа заинтересирани да дознаат повеќе за нашата книжевност, за македонската поезија, но особено нè радува интересот за новата и млада поезија за која, многумина од авторите, посочија дека е навистина возбудлива, различна и привлечна.

Дали сметате дека младите поети денес имаат доволно простор да бидат слушнати и препознаени во Македонија?
Велинова и Медиќ Лазаревски: Младите поет(ес)и секогаш ќе се наоѓаат пред специфичен предизвик да се докажат и тоа е во ред, бидејќи на некој начин, нè тера да бидеме подобри. Но, од друга страна пак, постои и неправедната идеја дека младите денес не читаат и не се запознаени со важните книжевни одредници во Македонија. Сметам дека денес постојат одредени прилики и луѓе кои секогаш стојат зад младите, им ги отвораат патиштата, ги советуваат и ги бодрат, а секако дека не може и без оние кои сакаат да поставуваат пречки. Но, она што навистина ми се допаѓа, е што младите во Македонија, особено можам да зборувам за поетските кругови, не чекаат приликите нив да ги најдат, туку тие сами ги создаваат. Постојат ентузијазам, волја и упорност за постојано организирање настани, за вмрежување, учење едни од други, меѓусебно подобрување и експериментирање во полето на поезијата. Секако, институционалната поддршка секогаш може да биде поголема, но токму и затоа младите се погласни, за да можат подобро да бидат слушнати!

