Реклама

Мицкоски од Вашингтон: Во Македонија и во оваа Влада, САД гледаат исклучително близок пријател во регионот и во Европа, нивната поддршка останува непроменета, договараме капитални проекти

Билатерални договори со земјите од ЕУ – засега единствено решение за проблемот на превозниците

Артан Груби и Перпарим Бајрами заедно во судница – судење за „Државна лотарија“

Едносменската настава носи повеќе време за детство

Македонија е специјален случај: Испорача и повеќе од потребното за патот кон ЕУ, ама повторно само блокади

Граѓаните задоволни што Скопје конечно добива решенија за јавниот транспорт

Премиерот Мицкоски ја претстави во Вашингтон македонската визија за развој – инфраструктурата, енергетиката и технологијата се клучните столбови

Нова наезда од глувци во скопски Центар – Герасимовски најавува дека дури во понеделник ќе се излезе на терен

Мицкоски од Вашингтон: Стоиме рамо до рамо со САД

„Цврстата“ Јотова ја омекнаа во Стразбур: Парче хартија била причината за непочитување на правата на Македонците во Бугарија

Распишан е првиот дел од „БРТ“ во Скопје: 12,8 километри од Ѓорче Петров до Ново Лисиче

Санација на свлечиштата кај Ботун – Николоски и Трајановски во увид

Македонија

Мицкоски од Вашингтон: Во Македонија и во оваа Влада, САД гледаат исклучително близок пријател во регионот и во Европа, нивната поддршка останува непроменета, договараме капитални проекти

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој престојува во работна посета на Соединетите…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави, од Вашингтон зборува за соработката со САД, за гасоводот и дата центрите, како и за односите со Бугарија.

Во интервјуто премиерот Мицкоски истакнува дека ние сме врвен приоритет на САД во регионот, дека апсолутно во Македонија и во оваа Влада гледаат како на близок пријател и дека разговараме за капитални проекти во енергетиката и инфраструктурата.

– Она што мене ме радува е фактот дека апсолутно во Македонија и во оваа Влада, Соединетите Американски Држави и актуелната администрација на претседателот Трамп гледаат како на близок пријател, не само во регионот туку и во Европа и дека нивната поддршка останува непроменета не само кога станува збор за НАТО алијансата туку и во делот на економијата и потенцијалните инвестиции кои што Соединетите Американски Држави ги имаат во Македонија – вели премиерот Мицкоски.

Реклама

Што се однесува за односите со Бугарија тој истакнува дека таа тема е неизбежна и секако се разговара, посебно со луѓе од Советот и Комисијата.

– Нормално дека таа тема ја разговараме. Јас не сум од оние луѓе кои што брзоплето ги прават работите во политиката. Свесен притоа за реалноста, свесен за погрешната политика во минатото, од претходните влади. Од друга страна, очекувањата на некои радикални елементи во нашата структура за повлекување од меѓународни договори и преговори – тоа би било идеално доколку сме ние сами на овој свет, но не сме сами и мораме да се бориме да ги повратиме загубените позиции кои во минатото, за жал, претходната влада ги минираше – вели Мицкоски.

Тој додава дека во рамките на таа борба ние секогаш презентираме аргументи кои што се јасно методолошки разбирливи на соговорниците.

– Подготвени сме да аргументираме, подготвени сме, ако аргументите на соговорникот ги совладаат нашите аргументи, да ги прифатиме. Не се инаетиме, не сме тврдоглави. Но, она што претставува наша цел е нашата стратегија, нашата вистина да ја презентираме на најдобар начин на кој што можеме и преку една политичка дебата, една политичка борба на меѓународната сцена да вратиме дел од позициите кои што претходните влади ни ги загубија – истакнува премиерот Мицкоски.

Во однос на дата центрите вели дека економијата неповратно се менува, истакнувајќи дека мораме да градиме податочни центри со високи стандарди, со воздушно и фреонско ладење, а што се однесува за гасоводот – ќе имаме 12 пати зголемен капацитет за инвестиции, за гасни централи кои што би произведувале електрична енергија, која што потоа би се користела во некои податочни дата центри, а потоа од нив би црпеле можности за вештачка интелигенција. Се бара инвеститор и за Чебрен и Галиште и веќе е разговарано во ДФЦ со Каролајн Вик, а интересот е огромен. 

Премиере Мицкоски, во Вашингтон имавте средби со повеќе конгресмени, кои во пресрет на вашата посета организираа дебата со претставници на Стејт Департментот на тема на Балканот. На таа дебата повеќето држави беа оценувани во контекст на националистичките тензии, славењето воени злосторници, додека Македонија беше издвоена, со позитивни дискусии за изградбата на стратешки важната инфраструктура и воената соработка. Како Вие ја оценувате соработката со САД, со администрацијата на Трамп и нивната политика кон нас и кон регионот?

– Не само со овие соговорници, посетата ја искористивме за средби со различни структури во Вашингтон, со тинк тенкови, финансиски корпорации, за уште еднаш да ја потврдиме нашата определба и исто така да го потврдиме стратешкото партнерство кое го имаме како земја со Соединетите Американски Држави. Она што мене ме радува е фактот дека апсолутно во Македонија и во оваа Влада, Соединетите Американски Држави и актуелната администрација на претседателот Трамп гледаат како на близок пријател, не само во регионот, туку и во Европа. Нивната поддршка кон нас останува непроменета не само кога станува збор за НАТО алијансата, туку и во делот на економијата и потенцијалните инвестиции кои што Соединетите Американски Држави ги имаат во Македонија. Тука посебно би го издвоил пристапот со ДФЦ, финансиската корпорација за развој, каде што имав средба со Каролајн Вик, која е практично одговорна за развој и инвестиции низ светот. Финансиското портфолио е околу 200 милијарди долари. Разговаравме за можно финансирање на Чебрен и Галиште, разговаравме и за друг тип инфраструктурни и енергетски, податочни инвестиции што би ги правела Владата, а исто така и за приватни инвестиции кои што би дошле од Америка во Македонија. Така што, кога сето ова би се изанализирало, јас не би дал суд за фокусот и низ која оптика регионот го гледа администрацијата на претседателот Трамп, туку повеќе би се задржал низ која оптика ја гледа Македонија. Мислам дека ја гледа низ најблиска оптика, дека сме врвен приоритет во регионот и ценам дека во години кои што следат од ова стратешко партнерство ќе се изнедрат многу капитални проекти кои што ќе имаат историско значење.

Една таква иницијатива е веќе најавена, рудникот за антимон во Крива Паланка.

-Таму се присутни во делот на ПД грантирање од пет милиони долари, за развој на проектот во Крстов Дол, во местото Луке, паланечко, но тоа е само почеток. Велам дека врз основа на оној разговор што го имав во ДФЦ со Каролајн Вик, интересот е огромен. Наша цел како Влада е да обезбедиме финансирање на проектот Чебрен и Галиште. Од нивна страна има интерес, истиот проект беше презентиран, задолживме канал за комуникација меѓу Владата и ДФЦ, и тоа е добро. Кога станува збор за стратешката и критичната инфраструктура, тука се гасоводите кои што ги градиме, тука се автопатите, Коридорот 8 и Коридорот 10-д и пругата која што ќе биде модернизирана, а е дел од Коридорот 10 и пругата која што ја градиме, а е дел од Коридорот 8.

Американската страна е доста заинтересирана за гасоводот со кој САД би станале сериозен снабдувач на регионот со ЛНГ втечнет гас. Каква би била нашата геополитичка положба како земја низ која за првпат поминува гасовод за снабдување на други држави и какви капацитети и индустрии може да се развиваат врз база на овој гасовод?

-Треба поблиску во јавноста да се објасни што е целта на тој гасовод. Треба терминалот за втечнет природен гас, познат како ЛНГ терминал во Грција – Александрополи – да го поврземе со централна Европа, за да биде конкуренција на Јужниот Поток. Капацитетот е некаде околу три милијарди метри кубни, а ако се зголеми притисокот може да дојде и до шест милијарди. Она што го прави специфичен е што гасоводот е двонасочен. Ние досега како држава имавме само еден еднонасочен влез – Жидилово – со капацитет од некаде околу 800 милиони метри кубни, или милијарда и 200 милиони со зголемен притисок. Што значи дека капацитетот на гас кој што би можеле утре да го користиме во Македонија со изградбата на овој гасовод е драматично зголемен, но за да бидеме на рутата на транзит, што е практично и наша цел и амбиција, ние мораме да го завршиме и северниот интерконектор со кој ќе се поврземе со соседна Србија. И тој ќе биде двосмерен, така што кога ќе ги завршиме овие два проекта, што јас очекувам да биде на крајот на 2028 година, геостратешката положба на земјата ќе биде сосема поинаква. Во овој момент ние како држава конзумираме околу половина милијарда метри кубни годишно. Значи ќе имаме 12 пати зголемен капацитет за инвестиции, за гасни централи кои што би произведувале електрична енергија, која што потоа би се користела во некои податочни дата центри, потоа од нив би црпеле можности за вештачка интелигенција. Тоа е еден сериозен и озбилен план за развој на државата и каде би требала да се движи Македонија во иднина. Тесно грло се високонапонските мрежи на пренос на електрична енергија. Ние сме одлично поврзани со нашиот северен и јужен сосед со далноводи на 400 киловотно напонско ниво. Одлично сме поврзани и со нашиот источен сосед, еден 400 киловолтен далновод и два паралелени 110 киловолтни далноводи, и сега го градиме проектот со кој што ќе се поврземе со нашиот западен сосед, повторно со 400 киловолтен далновод. Со тоа ќе бидеме буквално енергетска крстосница кога станува збор за преносот на висок напон на електрична енергија. Сите овие проекти се критична инфраструктура. Сите овие проекти ја зголемуваат отпорноста во регионот, безбедноста и се многу значајни за источното крило на НАТО. Ние како држава можеме да ја искористиме нашата сега веќе посилна геостратешка положба и од сето ова да извлечеме корист за граѓаните, и економски побргу да се развиваме. Тоа е суштината и тоа е приоритетот на оваа Влада.

Ги спомнавте податочните дата центри. Има и критики во Македонија дека центрите многу предизвикувале бучава, трошеле вода. Спомнавте неодамна дека сте во разговори за развој на вакви центри со компанијата Рамбл на Крис Павловски која неодамна склучи голем договор во АИ индустријата. Дали сте во разговор и со други компании и што би можеле локалните заедници и економијата во целина да очекуваат од изградбата на овие центри?

-Тоа е процес кој е неповратен. Човештвото ќе се движи во таа насока. Секој кој што има дилема тука не и мисли добро на сопствената држава. Прашањето е како да го канализираме овој процес и да извлечеме максимум од него. Го спомнавте Крис Павловски и Рамбл – тие сега направија аквизиција, купија компанија во Германија и сега се компанија од околу пет милијарди долари. Тоа е една сериозна групација која сериозно се развива. Да, разговараме со него. Меѓу другото имаме уште пет други компании со кои што разговараме. Сите кои не се разбираат во високата технологија зборуваат за бучава, за водено ладење. Ние сега имаме и воздушно ладење, и фреонско ладење, така што жалам што се уште кај нас постојат и такви политички сили и елементи кои што се обидуваат да не вратат повторно во некои времиња на 19, почеток на 20 век, мислејќи дека на тој начин по пат на емоција ќе привлечат внимание, но мислам дека се политички губитници и ќе бидат поразени бидејќи македонските граѓани сакаат да ја видат државата како оди напред. Оваа Влада има јасен план кој што може да го објасни на една страница. Во животот, во политиката, најважно е тоа што може да го кажете со малку зборови, што можете едноставно да го објасните, за луѓето де ве разберат. Што е главната цел на оваа Влада? Економски развој кој што ќе се темели на три столба – инфраструктура – патна и железничка. Енергетска инфраструктура, производни капацитети и преносни системи. Трето – висока технологија меѓу која се и податочните, дата центри, но и диверсификација на преработувачката индустрија бидејќи најголем дел од нашите инвеститори кои се дојдени од странство во периодот 2008 – 2012 година се во автомобилската индустрија. Таму работите се менуваат, и работиме на диверсификација на ова портфолио. Ова е практично стратегијата на оваа Влада и се што правиме и работиме е во таа насока – како економски да го забрзаме развојот. Затоа што веќе трудово интензивната индустрија ние веќе нема да можемем да ја сервисираме во иднина, имаме се помалку работна сила. На нас ни треба високо технолошка индустрија, со голема додадена вредност, со која што ќе го зголемиме бруто домашниот производ, и ќе го зголемува стандардот на граѓаните. Овој процес нема да биде за еден мандат. Ова е процес кој што треба да трае 2-3-4 мандати. Не велам дека оваа Влада ќе биде толку долго, ниту пак јас пледирам да бидам претседател толку долго во Владата. Но во суштина ова треба да биде национална стратегија, како треба да се развива државата. Овој процес е неповратен. Човештвото оди натаму и впрочем ние денес без вештачка интелигенција и некои податочни центри кои што некаде функционираат веќе не можеме да направиме ниту телефонски повик преку мобилен телефон.

Дали Владата би можела да гарантира дека овие центри за кои се разговара би биле од нов вид, со затворен круг на разладување кои не трошат многу вода?

-Апсолутно.

За да функционираат овие економски стратегии, потребни се договори за трговија. Има ли нешто ново на тој план со САД?

-Ние рамката ја дефиниравме. Условите се поставени, останува уште формално потпишување меѓу нашето МНР и нивниот трговски претставник и нивната Влада. Рамката е договорена, условите веќе функционираат. Ние имаме навистина најдобри услови во регионот.

Од опозицијата има критики за одлуката за намалување на дел од воената помош за четири држави од Европа, меѓу кои сме и ние, за Јужна и средна Америка. Колку е тоа значајно според вас?

-Ние сме еден од најголемите корисници на воена помош од Соединетите Американски Држави. Оваа одлука има друг мотив, за кој што јас нормално сега не би зборувал. Но, нашата соработка во рамките воената индустрија и помошта што ја добиваме од САД останува и ќе се продлабочува.

Добар дел од вашата дискусија во Атланскиот Совет во Вашингтон беше на темата Бугарија. Дали во Њујорк се очекуваат одредени средби и разговори на тој план?

-Секако кога разговараме со нашите европски партнери, посебно со луѓето од Советот и Комисијата, со претседателот Кошта, со високиот претставник за надворешна и одбранбена политика, Каја Калас, имаме и регионални настани на кој ќе учествувам и јас во делот на мултилатералата, таа тема е неизбежна. Нормално дека таа тема ја разговараме. Јас не сум од оние луѓе кои што брзоплето ги прават работите во политиката. Свесен притоа за реалноста, свесен за погрешната политика во минатото, од претходните влади. Од друга страна, очекувањата на некои радикални елементи во нашата структура за повлекување од меѓународни договори и преговори – тоа би било идеално доколку сме ние сами на овој свет, но не сме сами и мораме да се бориме да ги повратиме загубените позиции кои во минатото, за жал, претходната влада ги минираше. Така што во рамките на таа борба ние секогаш презентираме аргументи кои што се јасно методолошки разбирливи на соговорниците. Подготвени сме да аргументираме, подготвени сме ако аргументите на соговорникот ги совладаат нашите аргументи да ги прифатиме. Не се инаетиме, не сме тврдоглави. Но, она што претставува наша цел е нашата стратегија, нашата вистина да ја презентираме на најдобар начин на кој што можеме и преку една политичка дебата, една политичка борба на меѓународната сцена да вратиме дел од позициите кои што претходните влади ни ги загубија. Мислам дека привлекуваме внимание и веќе сме во сериозна оптика на нашите партнери, посебно во Европа. Бараме решенија. Јас никогаш нема да влезам во процес без да имам предвидлив крај. По мене, за да дојдеме до еден таков процес, најпрвин треба да изградиме доверба, а за тоа треба да разговараме. Треба таа желба да постои и од двете страни, ова е двонасочна улица, не може само од едната страна. Ќе го водиме процесот паралелно, подготвени сме да разговараме за усогласување на акцискиот план за малцинства, се разбира во присуство на меѓународната заедница, бидејќи ако водиме дијалог само со нашиот источен сосед, тогаш се потврдува она што ние велиме дека е билатерално прашање. Се плашам дека таков дијалог е дијалог на луѓе кои можеби нема да успеат да се слушнат на вистински начин. Затоа ценам дека е потребно да имаме уште еден на масата. Еве тоа нека биде претставник можеби од страна на Европската Унија. Продолжуваме да ги испорачуваме реформите кои што се дел од планот за раст, на Реформската агенда. Го следиме развојот на настаните во Европа на политичката сцена, еве последно референдумот во Исланд, регионалните избори во Германија, претседателските избори кои што доаѓаат во Франција… Динамично е, секаде во светот е динамично. Ние мораме во овие предизвици да ја најдеме и нашата шанса и тоа го правиме. Впрочем ја бараме шансата и сите оние резултати кои што пристигнуваат – 4.3 проценти раст на БДП во вториот квартал, раст на индустриското производство, раст на туризмот, контролирана инфлација два до два ипол проценти пониска од нивото што е во Европската Унија, се се’ тоа индикатори дека по овие 26-27 месеци, колку што работиме како Влада, конечно доаѓаат резултати и од еден длабок минус, од една тотално распадната понижена, ограбена, омаловажена држава, ние доаѓаме до состојба на нула. Јас не можам да кажам дека сме не знам колку отидени нагоре, но сме на една состојба на нула од која што треба да почнеме да градиме нагоре.

Деновиве имаше најава за некаков вид на асоцијативно членство во ЕУ дури и за Канада, какво што претходно го покренаа Вучиќ и Рама. Некои зборуваат и за Шкотска, Велс.

-Јас не би навлегувал сега во таков тип на дискусија. Тоа е се само како брејнсторминг, размена на идеи. За нешто да влезе, да профункционира, тоа подразбира промена на договорот што го има самата ЕУ. Светот дефинитивно се менува, и тоа се менува со една голема брзина. Се репозиционираат интересите и јас ценам дека во еден еден таков мултиполарен свет ние, повторно ќе кажам како релативно малубројна земја, не многу значајна, имајќи ја предвид големината како територија – но како локација значајна, посебно во овој дел на светот, треба да ја најдеме нашата шанса. И мислам дека ја пронаѓаме.  Контурите се исцртуваат.