По повеќе од 70 денови, укината е рестрикцијата во водоснабдувањето во Дебар и село Долно Косоврасти.
- Рестрикција воведовме на 30 јуни, на што бевме принудени, откако нашите апели таа рационално да се користи беа попусти. Корисниците продолжија со злоупотреба на водата за пиење, за наводнување зелени површини, градини, миење на дворови па дури и тротоари и улици пред секоја куќа, изјави Нертиљ Османи, директор на Јавното комунално претпријатие „Стандард“.
Дополнително потрошувачката беше зголемена и со големото присуство на иселениците, кои летниот одмор го минуваат во родниот крај.
Снабдувањето сега е нормално. Моментно во главниот резервоар во градот пристигнуваат над 120 литри вода во секунда.
Управата на „Стандард“, кое стопанисува со водоводот Росоки-Дебар, воведе рестрикција во населбите „Венец еден“ „Венец два“ „Тараник“ „Ќернаница“ и тоа во период од 13:00 до 16:00 часот, а во текот на август и по најмалку три часа во текот на ноќта.
Прекин во снабдувањето имаше и во Долно Косоврасти и тоа од 10 до 13 часот
Инаку, Дебар со вода за пиење се снабдува од изворите во малореканското село Росоки, преку водоводот Росоки-Дебар, но и селата Долно Косоврасти и Рајчица, низ кои минува водоводот, а од кракот што се издвојува кај Мелнички Мост и дел од општина Центар Жупа.

