Пораката е многу јасна, концизна и прецизна – да се биде Македонец е чест, но и обврска – истакна денеска во Штип директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов кој присуствуваше на одбележувањето на Денот на независноста на Македонија, а кој традиционално го организираат Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ од Штип, Сојузот на здруженијата на Македонци и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија „Македон“ и општина Штип.

Ангелов посочи дека на секој Македонец обврска му е да ја чува македонштината и да ја носи насекаде низ светот.
-Ние сме библиски народ, постоиме многу години пред Христа, постоиме илјадници години и треба на секој Македонец кој не е во Македонија, но и на Македонците кои сме во Македонија, да ни биде обврска македонскиот генетски код, македонштината да ја чуваме, да ја носиме насекаде низ светот и насекаде каде што одиме низ државите каде што престојуваме, работиме, живееме, а не сме во Македонија, да ни биде обврска да го почитуваме тој генетски код на македонската нација-изјави Ангелов.
Тој порача и дека треба да се чува и македонскиот јазик и да се пренесува од колено на колено.
-Секоја мајка има обврска да го научи своето чедо, да го зборува македонскиот јазик, да го научи и на кирилицата, да го научи и на македонските песни, ора, игри, на македонската традиција. Едноставно, Македонец е чест, но пак ќе кажам, тоа е и голема обврска да се зачува македонскиот идентитет низ вековите кои ни доаѓаат-подвлече Ангелов.

Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ од Штип е иницијатор на настанот во Штип, а кој веќе две децении се одбележува Денот на независноста и на кој присуствуваат голем број на гости од земјата, странство, како и претставници на Здруженијата на Македонци во Албанија, Бугарија, Грција и Србија. Трајче Димков од Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ од Штип порача дека она што го прават денес и овие 20 години е всушност празнување и чествување на она што го бараат Македонците од Егејска Македонија.
-Тие се градеа во Илинденското востание, се градеа во Народноослободителната борба. Бидејќи тогаш не успеаја да се вратат во своите огништа, затоа е посебно чувството да се празнува сега во слободна Македонија, да се празнува овој празник. Пораката е многу едноставна: да се обединиме сите кон името Македонија, да се обединиме сите кон идентитетот, да се обединиме без разлика на било какви разлики – партиски, верски, да се обединиме со намера Македонија да опстане-вели Димков.

На денешното одбележување на Денот на независноста со свои пораки пред присутните се обратија и градоначалникот на општина Штип,Иван Јорданов и пратеничката во македонското Собрание Жаклина Пешевска. На споменикот кај црквата „Свети Констанин и Елена“ во штипската населба Балканска делегациите и претставниците на државни, локални институции, како и на здруженијата на граѓани од земјата и странство положија букети цвеќе.


