50 илјади луѓе и едно од најголемите музички случувања во земјава – пристигнува светски познатиот диџеј Дејвид Гета, како финале од одбележувањето на 35 години независност на Македонија. Поради масовната публика, организаторите воведуваат посебни правила за влез и сообраќај. Воведена е задолжителна замена на купените влезници во нараквици. Од „Авалон“ појаснуваат дека ова претставува практично решение за да се избегнат големи гужви на влезовите. Замената може да се изврши денес до 23 часот и утре до 17 часот. Кај нумерираните трибини, влезницата треба да се зачува бидејќи ќе биде потребна за користење на резервираното место.
„Од самиот почеток бевме свесни дека ако нема замена на влезници за алки, ќе нема концерт. Ако нема алки, ќе биде потребно чекирање на влезниците на врата, а од наше искуство и од многу помали капацитети, тоа одзема неверојатно многу време. Така што, ова со алките треба да се сфати како една неминовност за одржување на концертот во интерес на времето и поради инфраструктурата за влез каква што ја има стадионот“, изјави Бобан Милошески, сопственик на Авалон Продукција.
Во координација со Министерството за внатрешни работи, ќе има засилено физичко и сообраќајно обезбедување. Организаторите апелираат посетителите навреме да пристигнат и да ги следат упатствата на полициските служби.
„Поради зголемениотинтерес на граѓаните за посета на овој мусички настан, предвиден е посебен режим на сообраќај на предоите према арена „Тодор Проески“, на дел од булеварот Илинден, се со цел граѓаните непречено и навремено да пристигнат на настанот.“, изјави Љупчо Ѓурчевски,помошник-началник во Секторот за внатрешни работи при МВР.
Музичкиот спектакл со кој ќе кулминира прославата за независноста, започнува утре вечер. Со продукција од светски размери, настапот на Дејвид Гета се очекува да биде еден од најмасовните музички настани во историјата на Македонија и Балканот.

