Македонија е се уште во црвената зона за пожари. Во моментов гори на пет локации, а најкритично е во Грачани каде веќе четврти ден по ред никако да се изгасне пожарот кој е активен од македонска но и косовска страна. Од Дирексијата за заштита и спасување истакнуваат дека гори неквалитетна шума ниски смреки коишто создаваат многу силен пламен и уште посилен чад кој може да се почувствува во одредени делови на Скопје. Како воздушен одговор на огнените стихии на овој пожар работат еден полициски хеликоптер и два ертрактори.
„Овој пожар денес се движи во насока на село Никиштане но таму се распоредени доволен број на скопски пожарникари со поддршка на огнените тимови на Дирекцијата и не претставува закана за ова село. Но истиот овој пожар може да се забележи и доколку некој патува кон Косово, пред граничниот премин. На исклучително стрмен терен се спушта во насока на реката Лепенец“ изјави Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување
Пожарот кај Белица е се уште активен и е потежок за гасење бидејќи се наоѓа на непристапни подрачја но Ангелов вели дека очекува денеска тој веќе да биде ставен под контрола. Од друга страна пожарот кај Струга и Дебар е ставен под контрола и се очекува денес веќе да биде изгаснет. Сепак од дирекцијата апелираат на максимална претпазливост поради температурите.

„Опасноста од пожари на отворен простор и понатаму е на многу високо ниво и во текот на вчерашниот ден имавме повеќе од 30 пожари на отворен простор ако на тоа додадам неколку десетини пожари кои не ги броиме онаа објава којашто ја испраќаме преку цук тогаш нивниот број е многу поголем.“
Во селото Брезница еден жител додека работел предизвикал искра која создала пожар кој почнал брзо да се шири. По брза реакција и меѓусебна соработка тој бил спречен. Од ДЗС предупредуваат дека една искра може да доведе до катастрофа.
