СДСМ бега од избори, зошто се свесни дека ќе доживеат нов дебакал. По фрлената ракавица од премиерот Мицкоски дека е подготвен да оди на изборно соочување ако побара опозицијата, стравот на Филипче излезе на површина. Според експертите лицемерно и несериозно е однесувањето на првиот човек на СДСМ, кој во иста реченица тврди дека е подготвен да оди на избори, но истовремено порачува дека нема да биде алиби на власта.
„Се работи за класично едно вербално херојство без сериозна намера да се прифати еден изборен ризик, бидејќи се свесни колку тежат на политичката сцена и како би поминале на евентуални парламентарни избори. Од друга страна да велите дека нема да му бидеме алиби за избори на премиерот Мицкоски, а од друга страна да велите постојано бараме избори е лицемерно“ – вели професорот Јове Кекеновски.
Опозицијата наместо постојано да бара избори, бега од соочувањето со народот. Според упатените тоа доволно зборува за политичката сцена во Македонија. Доколку се одржат предвремени парламентарни избори , со оглед на тоа како што во моментов стојат работите со рејтингот на политичките партии, тоа би значело зацврстување на власта на ВМРО ДПМНЕ и продолжување на мандатот за нови четири години.

„Јас да сум на местото на премиерот со соодносот 1-3 во однос на ВМРО-ДПМНЕ би распишал избори и би обезбедил нов четиригодишен мандат“ – вели професорот Јове Кекеновски.
Засега ДУИ е единствената опозициска партија, којашто експлицитно побара предвремени избори.

