Венко Филипче како поранашен министер за здравство и сосптсвеникот на македонската компанија БРАКО Кочо Анѓушев се спасија од одговорност за изградбата на модуларните болници за време на ковид пандемијата. Нема никаква штета на државниот буџет, ниту некој е одговорен за начинот на кој се набавени изградени болниците, иако во една од нив во Тетово живи изгореа 14 луѓе. На брифинг со новинарите надлежната обвинителка Верица Бержетска кажа дека анализирани се 3 јавни набавки. Според неа сите биле спроведени законски согласно критериумите на Светска банка, но интересно е што за нивниот прием и исправност никој не е одговорен. На прашање на новинарите кој вршел прием и проверки за безбедноста на објектите, обвинителката објасни дека согласно тогашните прописи болниците биле примени како стоки, а не како привремени објекти.
Беше анализирана и регулативата од областа на градењето. Јавниот повик бил објавен на 13 октомври 2020 година, а договорот бил склучен на 30 ноември 2020 година. Во меѓувреме, со измените на Законот за градење објавени на 24 ноември 2020 година, модуларните градби наменети за вршење здравствена дејност биле опфатени во категоријата градби за кои не е потребно одобрение за градење.
Од прибраната документација произлегува дека дел од јавните здравствени установи имале решенија од Министерството за здравство за поставување на модуларните градби, како и соодветна проектна документација, соопштуваат од Обвинитество за гонење на организиран криминал и корупција.

Станува збор за тендери поврзани со 17 модуларни болници, два монтажни контејнери и немедицинска опрема. Овие тендери оделе преку две министерства, за здравство и за труд и социјална политика.
Предстрагата во 2021 ја отворила тогашната обвинителка Вилма Русковска. По нејзиното заминување случајот го презеде обвинителката, Елизабета Јосифовска. Таа со години собирала документација и сослушувала сведоци од двете министерства. Откако новиот државен обвонител донесе одлука, случаите да ги водат матичните обвинителства, предистрагата ја презела Бержетска.
Инаку за трагедијата во Тетово имаше судскиот процес којшто резултираше со две условни казни и ослободителна пресуда. Во текот на судењето беше констатирано дека болницата немала противпожарна опрема. Според официјалното вештачење на МВР и истражните органи од тој период, причинител за пожарот бил прегреан кабел.

