Здружението Викимедија МКД која ја уредува Википедија на македонски јазик денес одбележи десет години постоење на Вики клубови во Македонија. Јубилејот беше одбележан во Музејот на македонска борба за независност, каде е основан првиот Вики клуб.
Акцентот на овој настан беше ставен на еднодецениското постоење на клубовите основани од Викимедија МКД во Македонија наменети за ученици и младинци кои се обучуваат и подготвуваат за придонесување и збогатување на Википедија на македонски јазик со нови статии.

-Целта е да го доближиме знаењето и да ја поттикнеме љубопитноста на читателите да научат нови работи, а при тоа да создадат нови содржини за останатите е предизвик кој го прифативме уште од самиот почеток. Заедно се трудиме да ја прошириме идејата за достапноста на бесплатното знаење на македонски јазик за цела читателска публика во државата, а клубовите се едни од значајните чекори кои ги презедовме во таа насока – истакна извршниот директор Снежана Штрковска.

Освен Штрковска, со пригодни говори се обратија на настанот, менаџерот за образовна програма на Викимедија МКД, Боса Филиповиќ, едукаторот при Музејот Ана Вишинова, како и директорката на Музејот Анче Илиева
Денес Вики клубовите ги има во неколку градови во државата, меѓу кои Штип, Велес, Куманово, Демир Хисар, Радовиш и Охрид.

