Општина Илинден започна со реализација на проектот за реконструкција на спортската сала „Гоце Делчев“ во населеното место Илинден, како дел од континуираните активности за унапредување на спортската инфраструктура и создавање подобри услови за спорт и рекреација.
-Оваа реконструкција се врши по речиси дводецениско користење на салата, при што се предвидени повеќе градежни и технички зафати насочени кон подобрување на функционалноста, безбедноста и енергетската ефикасност на објектот. Проектот опфаќа санација на таркетот со стругање и нанесување три слоја специјален заштитен лак отпорен на гребење и пролизгување, како и целосно ново бележење на теренот за повеќе спортски дисциплини, информираат од Општината.
Во рамки на реконструкцијата ќе бидат извршени и молерисување на ѕидовите и таваните, бојадисување на трибините, замена на заштитната ограда и поставување нови седишта на трибинскиот простор. Предвидена е и замена на гумираниот под, целосна реконструкција на соблекувалните, како и бетонирање стопи и поставување метални елементи за монтажа на мобилни столбови за одбојка.

Дополнително, како дел од претходно реализираните активности за модернизација на салата, извршена била замена на дотраените металхалогени рефлектори со современи ЛЕД светилки, со што значително е подобрена енергетската ефикасност и квалитетот на осветлувањето на просторот.
На почетокот на градежните активности увид извршил градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој истакнал дека локалната самоуправа останува посветена на континуирани инвестиции во спортската инфраструктура.
-Со реконструкцијата на спортската сала создаваме современи и функционални услови за спортистите, младите и сите рекреативци. Истовремено, ќе се зголемат можностите за организирање домашни и меѓународни спортски натпревари, како и други мултифункционални настани – рекол градоначалникот Георгиевски.
Општина Илинден, како што велат оттаму, и во наредниот период ќе продолжи со реализација на капитални проекти кои придонесуваат за развојот на спортот, унапредување на јавната инфраструктура и подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани.
