Се подготвуваат тендерските постапки за изградби на современи системи за управување со отпад во Русиново и Новаци, а за изградбата на современата фабрика за отпад во светиниколското село Мечкуевци, која ќе биде за преработка на отпадот за 18 општини од Источниот и Североисточниот Регион, тендерската постапка е во завршница – истакна на денешната прес-конференција министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа. Тој потенцира дека по години пишување стратегии на хартија, конечно се воспоставува регионалниот систем за управување со отпад во нашата држава.
– Тоа претставува најголема реформа во оваа област. Веќе е обезбедена и испорачана значајна опрема за општините во регионите – механизација и комунална опрема. Паралелно се подготвуваат тендерите за изградба на регионалните центри во Русиново и во Новаци, а во Свети Николе постапката е при крај. Истовремено, се подготвува и документација за изградба на трансфер-станиците во општините. Овој систем претставува долгорочно решение за дивите депонии и современо управување со отпадот. И целосно сум посветен за да се запази предвидената динамика на реализација – рече Хоџа.
Министерот за животна средина и просторно планирање додаде дека еден од клучните чекори во борбата со аерозагадувањето е усвојувањето на новиот Закон за контрола на индустриските емисии, со кој се воведуваат построги стандарди и поголема одговорност за индустрискиот сектор.

- Законот стапува во сила в година, односно септември 2027 година, а во меѓувреме интензивно работиме на создавање услови за негова навремена и ефикасна имплементација. За почист воздух инвестираме во замена на нееколошките системи за греење во јавните објекти. Истовремено, ги зголемивме и инспекциските надзори врз индустријата затоа што превенцијата секогаш е клучна мерка – вели Хоџа.
Посочи дека почната е и подготовка на дигиталниот регистар за јавно достапни податоци за индустриските емисии, кој дополнително ќе ја зголеми транспарентноста.
– Интензивно работиме и на усогласување на законодавството со европските стандарди. Како дел од реформската агенда, Владата ги усвои подзаконските акти и Законот за климатската акција. Во разни фази на подготовка се и други клучни закони за заштита на природните ресурси: новиот закон за природа, измени и дополнувања на Законот за животната средина, законите за Белчишкото и за Студенчишко тоБлато. Во наредниот период мојот главен фокус останува на регионалниот систем за отпад и на имплементацијата на дополнителните мерки за чист воздух – истакна Хоџа.
На денешната прес-конференција информира дека и со ребалансот на буџетот се зголемуваат средствата за финансирање капитални инфраструктурни проекти од областа на животната средина, меѓу кои и за пречистителна станица во Скопје.
– Јас сум на функцијата во последните шест месеци, но голем дел од процесите е продолжение на веќе почнатите реформи од претходниот министер, господинот Изет Меџити. Со тоа постигнуваме стабилност и доследност во реализацијата. Во изминатиот период обезбедивме средства и почнавме со реализација на над 300 инфраструктурни проекти од различен обем – од модерни водоводи и канализациски системи до пречистителни станици – вели Хоџа.
