Општина Валандово започна со уредување на просторот за нов современ детски парк и проширување на паркиралиштето во централното градско подрачје. Активностите се одвиваат зад станбените згради на улицата „Маршал Тито“, во близина на Центарот за социјална работа, каде и досега постоеше детски парк.
Според општинските власти, проектот предвидува исцртување на 25 нови паркинг-места, изградба на модерен детски парк со повеќе зелени површини и урбана опрема, како и изградба на пристапна улица што ќе ја подобри функционалноста на просторот.

– Со реализацијата на активностите, овој дел од градот ќе добие модерен, функционален и уреден изглед, ќе се подобри сообраќајната организација, ќе се обезбеди повеќе простор за игра и рекреација на најмладите, а жителите ќе добијат попријатна и поквалитетна животна средина, велат од Општината.

Уредувањето на централниот простор на градот, Општина Валандово го најави пред неколку месеци, а паралелно со овој проект од почетокот на работната недела започна реконструкцијата и на општинската зграда.
