Европската Унија прави грешка што бара од Македонија да го спроведе договорот со Бугарија без гаранции дека нема да има нови условувања. Ова на форумот во Дубровник НА кој се зборуваше за ЕУ и Западниот Балкан го порача професорот од Вашингтон и експерт за Југоисточна Европа, Едвард Џозеф. Тој предупреди дека Софија не смее повторно да отвора идентитетски прашања и за ова потребни се гаранции.
Ова е уште една грешка на Европската Унија. Не треба да се врши притисок врз Скопје да спроведе договор за кој не постои никаква гаранција дека Софија ќе го почитува во неговиот дух и дека нема повторно да поставува нови идентитетски барања, вели Едвард Џозеф, професор на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Вашингтон и долгогодишен експерт за Југоисточна Европа.
Тој нагласи дека постојат и други можности за надминување на ваквите ситуации. Како пример ја посочи Унгарија, којашто се противи за влез на Украина во ЕУ.

Бугарија може да излезе од просторијата како што Унгарија излезе од просторијата кога се одлучуваше за Украина, вели Едвард Џозеф, професор на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Вашингтон и долгогодишен експерт за Југоисточна Европа.
Не постои северномакедонски народ, северномакедонски јазик или северномакедонски идентитет, туку само македонски. Со оваа порака министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски се обрати на панел-дискусијата „Европската Унија и Западен Балкан во Дубровник.
Тој порача дека процесот на интеграција во ЕУ мора да биде мост кон полноправно членство, а не вечна чекална за земјите кандидати. Повтори дека се потребни појасни правила, рокови и покредибилен пристапен процес.
Осврнувајќи се на односите со Бугарија, Муцунски рече дека со новата влада во Софија постои можност за разговор за отворените прашања и за заедничката европска иднина. Тој нагласи дека целта на Македонија не е само да ги почне, туку и успешно да ги заврши пристапните преговори според европските критериуми.
„Нашата намера не е само да ги започнеме пристапните преговори и по неколку месеци повторно да се најдеме во истата ситуација. Нашата цел е да ги започнеме и успешно да ги завршиме врз основа на европското законодавство, Копенхашките и Мадридските критериуми“, вели Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи.
Истовремено, нагласи дека Бугарија инсистира и на дополнителен сет билатерални барања, кои вклучуваат прашања поврзани со националната историја, јазик и идентите. Според Муцунски овие барања не се дел од европското законодавство и критериумите за членство во европското семејство.
