Во Кавадарци денеска беше претставен Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување. Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев изрази задоволство од Оперативниот план за активности и програмата и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2026 година.
– Една позитивна мерка, добра мерка каде што младите луѓе може да се охрабрат да направат апликација за самовработување. Денешниот настан е за да ги охрабриме младите, да слушнат и во делот на Владата што ги дава како средства за самовработување, да нивниот ентузијазам и желби бидат на некој начин достапни. Сериозни средства се одвојуваат каде што може да се почнат и сериозни бизниси. Јас како градоначалник сакам да дадам еден позитивен сигнал до сите луѓе коишто се млади и кои се осеќаат во делот со самодоверба, да можат да отпочнат реален бизнис, да аплицираат, да ја исполнат програмата, затоа што Владата има доволно средства да се задоволат повеќе луѓе. Ова е континуитет на една мерка што дава добри примери и како што и пред малку видовте дека во Кавадарци веќе функционираат повеќе млади луѓе коишто отвориле бизнис по оваа мерка и како такви се самостојни и во делот на нивната рентабилност или оправданост, функционираат. Така да, благодарност до целиот тим којшто денеска е еве во Кавадарци, ќе им се доближиме поблиску за да се објасни мерката и да ги охрабриме да аплицираат и да добиваат вакви средства – истакна Јанчев.
Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд, рече дека целта е да се промовира Оперативниот план за 2026 година, посебно мерката која е најатрактивна и е во тек – тоа е мерката самовработување. Оваа мерка од понеделникот започна за аплицирање и ќе трае до 3 јули, а тоа е до наредниот петок. Ги повика сите невработени лица, млади кавадарчани до 29 години, да аплицираат на оваа мерка доколку имаат добар бизнис план, бидејќи средствата, како што подвлече, се рекордни кои се субвенционираат и оваа година. За бизниси коишто се доста креативни, сметаат дека ќе бидат успешни бизниси во иднина.

– За млади лица до 29 години, 10.000 евра имаме субвенции, над 29 години 7.000 евра, доколку се здружат во друштво со ограничена одговорност две млади лица до 29 години тоа е 20.000 евра субвенционирање, а пак доколку се и искомбинираат, едно помладо, едно повозрасно лице, 10 и 7, 17.000 евра. Исто така новитет е што оваа година за првпат имаме и се опфатени и повратниците, односно оние коишто се иселиле и повторно се вратиле во државата, да можат да аплицираат на оваа мерка. Така да, од овие суми коишто ги спомнав, имаат бонус плус 10% . На пример, ако е младо лице до 29 години плус 10% бонус, тоа е 11.000 евра субвенција. Знам дека кавадарчани се доста креативни, се бизнис – ориентирани, посебно младите лица, уште еднаш да ги повикам да ја посетат веб-страницата на Агенцијата за вработување или тука просториите на локалната канцеларија на Агенцијата за вработување и да ги поднесат своите бизнис планови – порача Ристески.
Весна Пешова, заменик директорка на Агенција за вработување, рече дека ѝ е мило што ќе има можност, да ги претстави мерките од Оперативниот план за активни мерки за вработување. Таа истакна дека Оперативниот план е израз на реалните потреби на пазарот на трудот и содржи мерки коишто се прилагодени на барања како на невработените лица, така и на работодавачите. Таа истакна дека во фокусот секако и годинава се младите лица, но, тоа не значи дека се изоставени и останатите категории на невработени лица, па така содржи мерки и за сите останати категории како што се долгорочно невработени, Роми, жени, припадници на ранливите категории, самохрани мајки, корисници на гарантирана минимална помош и така натаму. Притоа, рече дека иако најуспешна мерка е програмата за самовработување, за којашто тече веќе огласот, во понеделникот е објавен и рокот трае до петок – 3 јули, во наредниов период ќе бидат етапно објавувани и останатите огласи, односно за останатите активни мерки за вработување. Па ги повикува сите заинтересирани лица да ја посетат нивната веб-страница, таму е објавен целиот Оперативен план со сите критериуми и услови, можат навреме да се запознаат со сите и да ги добијат сите информации или да се обратат во Центарот за вработување конкретно во Кавадарци.
– Од досегашниве, изминативе три-четири, дена што изминаа, можам да кажам дека и оваа година заинтересираноста за мерката е многу голема, бидејќи досега, до крајот на вчерашниот ден, веќе се поднесени 2.400, над 2.400 апликации. Само во Кавадарци над 80 веќе се поднесени, така да верувам и годинава дека со успех ќе го имплементираме оперативниот план за активни политики и мерки за вработување – нагласи Пешова.
Даниела Димоска, директорка на Агенција за иновации, научно-технолошки развој, претприемништво ИНОВА, потенцираше дека Агенцијата е директно вклучена во реализација на дел од активностите на Оперативниот план и тоа токму во најатрактивната мерка, односно во мерката за самовработување, каде што од нивна страна на апликантите ќе им се овозможи четиридневна обука каде што дополнително ќе им се поттикне претприемачкиот дух, ќе се запознаат со основите за започнување на сопствен бизнис и ќе им се додели советник од каталогот на советници со којшто располага Агенцијата.
– ИНОВА, брои преку 300 од кои 180 од нив се директно овластени за изработка на бизнис – планови. Самите апликанти ќе можат да си одберат со кој советник ќе сакаат понатаму да го изработуваат бизнис – планот, ќе ја видат неговата експертиза, биографија и ќе се одлучат кој советник е најсоодветен за нивниот бизнис. Откако они ќе го изработуваат бизнис-планот, во меѓувреме ние формираме експертска комисија од експерти кои гледаме да бидат претежно од банкарскиот сектор, коишто работат на кредитирање на бизнис и имаат искуство од оваа област и тие понатаму ќе ги евалуираат и ќе ги оценуваат бизнис – плановите. Исто така, откако апликантите ќе си го основаат сопствениот бизнис, не сакаме да ги оставиме така и им нудиме менторска помош во период од шест месеци, што ќе им помогне понатаму да застанат на нозе, да го развијат својот бизнис – појасни Димоска.
Катерина Данилова Трајкова, корисник на грант, изрази задоволство што може да каже дека во 2025 година била корисник на грант од 10.000 евра за самовработување, кој е обезбеден преку Оперативниот план за вработување на Министерството за економија и труд во соработка со Агенција за вработување.
– Овие средства ги искористив за основање на сопствена фирма, односно друштво за трговија и услуги за печатење на текстил, со што мојата бизнис идеја ја претворив во реалност. За мене ова не беше само финансиска поддршка, туку и поттик да верувам во себе, да преземам иницијатива и да започнам сопствен бизнис. Ова е доказ дека кога постои добра идеја, желба за работа и институцијална поддршка, успехот е достижен. Затоа сакам да ги охрабрам сите млади луѓе, кои размислуваат да започнат сопствен бизнис – не плашете се да аплицирате. Искористете ги можностите што ги нуди државата, верувајте во вашите сопствени идеи и бидете истрајни. Можеби токму вашата идеја ќе биде следна успешна приказна – порача таа.
