Во рамки на учеството на Дубровник форумот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со министерот за надворешни и европски работи на Република Словенија, Тоне Кајзер, прва по неговото назначување на оваа функција.
На средбата, како што соопшти Министерството, била потврдена одличната билатерална соработка и традиционалното пријателство меѓу двете земји.
Двајцата министри се согласиле дека во периодот што следи ќе се работи на внесување нова динамика и натамошно унапредување на билатералните односи, потврдувајќи ја заедничката определба за продлабочување на соработката, како на билатерално, така и на мултилатерално ниво.

Посебно внимание било посветено на процесот на европската интеграција на Македонија, реформските процеси и потребата од кредибилен, предвидлив и на заслуги заснован пристапен процес.
Министерот Муцунски, како што се наведува во соопштението, ја нагласил посветеноста на Владата за спроведување на реформите и изразил благодарност за континуираната и принципиелна поддршка што Република Словенија ѝ ја дава на нашата држава на европскиот пат.
Соговорниците размениле мислења и за актуелните регионални и глобални безбедносни прашања, како и за натамошното унапредување на соработката во рамките на НАТО.
