Во рамки на процесот на јавната дебата за административно-територијалната реорганизација на Република Албанија, расправа се одржа во Корча, со која раководеа копретседателите на посебната парламентарна комисија, Арбјан Мазнику и Лучиано Бочи.
На расправата присуствуваа градоначалници, пратеници од округот Корча, претставници на институции, експерти и граѓани, кои ги изнесоа своите ставови и предлози за идната административно-територијална поделба на државата.
Во своето обраќање, копретседателот Арбјан Мазнику истакна дека реформата треба да придонесе за создавање посилни општини и подобра подготовка на Албанија за членство во Европската Унија. Од своја страна, Лучиано Бочи оцени дека јавните сослушувања претставуваат можност граѓаните директно да ги искажат своите проблеми и предлози.
На јавната расправа се обрати и претседателот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, кој ги претстави ставовите и препораките на партијата во врска со претстојната реформа.
Стерјовски информираше дека МАЕИ веќе доставила официјално писмо до Посебната парламентарна комисија, во кое се содржани конкретни предлози за заштита на правата на македонската заедница во процесот на административно-територијалната реформа.
Тој нагласи дека првото и најважно барање на МАЕИ е Општина Пустец да остане посебна општина, како единствена општина во Албанија во која над 90 проценти од населението припаѓа на македонската национална заедница.

-Укинувањето или менувањето на статусот на Општина Пустец би било спротивно на Уставот на Република Албанија, Законот за заштита на националните малцинства и меѓународните обврски што државата ги има преземено преку Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства. Со евентуално укинување на општината би се довеле во прашање стекнатите права на Македонците, особено правото на употреба на мајчиниот јазик и образованието на македонски јазик, што би претставувало сериозен ризик од асимилација, истакна Стерјовски.
Како втор предлог, претседателот на МАЕИ побара Општина Пустец да биде преименувана во Општина Преспа, оценувајќи дека новото име подобро ја претставува целата област, која ја сочинуваат девет населени места, а не само селото Пустец.
-Името Преспа е историски, географски и културно препознатливо, како во Албанија така и на меѓународно ниво. Со преименувањето ќе се зајакне препознатливоста и ќе се придонесе за поголема промоција на регионот, нагласи Стерјовски.
Македонска алијанса за европска интеграција очекува предлозите изнесени во јавните консултации да бидат сериозно разгледани и вградени во конечниот предлог на административно-територијалната реформа, во согласност со Уставот, законите и меѓународните стандарди за заштита на правата на националните малцинства.
