Реклама
Македонија

Скандал на релација Скопје – Софија: објавена тајна дипломатска нота за престој на сопругата и синот на премиерот

Дипломатски скандал на релација Скопје – Софија. Пробугарски медиуми објавија документи за…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Дипломатски скандал на релација Скопје – Софија. Пробугарски медиуми објавија документи за приватно патување на сопругата и помалиот син на прмиерот Христијан Мицкоски во Пампорово.

Дипломатската нота со која македонската амбасада го известува бугарското МНР за тридневната агенда е стандардна практика за функционери и членови на нивните потесни семејства, пред се поради безбедносните протоколи. Но податоците, кои според сите правила би требало да бидат тајни, најпрвин завршија на социјалните мрежи, а потоа и на повеќе портали.

Премиерот оценува дека ова е само уште еден сигнал од источниот сосед дека односите меѓу двете држави се радикализираат.

Реклама

Видовме еден преседан во дипломатијата кога излезе дипломатска нота за тридневен престој на мојата сопруга со мојот помал син кај наши паријатели, да речеме, во Пампорово, нешто што е невообичаена пракса во светот на дипломатијата и можеби единствена како таква. Замислете сега ние да ги вадиме сите дипломатски ноти коишто ги испраќаат од нашиот источен сосед и практично во тие дипломатски ноти пишуваат работи коишто можеби исто така би биле интересни за јавноста. Така што вчера видов еден преседан.“- вели Христијан Мицкоски.

За случајот, премиерот рече дека веќе ги информирал партнерите на Македонија во НАТО, бидејќи со објавувањето на дипломатската нота, како што кажа, се загрозува и безбедноста на неговото семејство.

Сите овие индикатори коишто ги гледаме не велат дека одиме кон подобрување, туку напротив, имаат некои аматерски потези коишто за мене се тотално неразумни и нејасни, но, како и да е, ние да си останеме фокусирани на тоа што е наша задача, а тоа е да испорачуваме за Реформската агенда, да ги правиме реформите дома, да ја градиме економијата, да раснеме итн. Тоа е она што претставува наша задача како влада, тие нека си ја тераат својата работа, ние работата за којашто сме бирани од граѓаните, а тоа е да испорачуваме проекти и да решаваме проблеми.“- вели Мицкоски.

Нејасно е како документот излезе во јавност и зошто токму сега, шест месеци по приватното патување. Во него во детали се опишува возилото, рутата, дестинацијата и други детали.

За пробугарските медиуми кои ја објавија дипломатската нота спорно е зошто сопругата и синот на премиерот биле на викенд во Пампорово, додека тој, како што пиштуваат, „војувал“ против Бугарија.