Охридскиот Рамковен договор требаше, и ја зачува стабилноста и унитарноста на Македонија, но прашање е колку? Повеќе од две децении беше злоупотребуван од политички структури кои со својата националистичка реторика, под превезот на борбата за правда во општеството, направија кариери и стекнаа огромен капитал. Рамковниот договор наместо да биде мост помеѓу Македонците и Албанците, беше злоупотребуван и за да се прават поделби на народот – по формулата „раздели па владеј“. Сега, 24 години подоцна, државниот врв испраќа пораки за обединување. Премиерот Христијан Мицкоски, уверува дека нема повеќе место за луѓе кои создавале вештачки етнички и политички кризи за лична корист.
Овој документ, овој рамковен договор е и долго злоупотребуван договор, за жал од поединци. Над 20 години имавме структури кои го користат национализмот како најдобра прекривка за заштита на криминалот и личните интереси. Впрочем таквиот национализам е последното прибежиште на оние кои направија кариери, стекнаа огромен капитал на грбот на народот кој го делат, и врз чии поделби опстојуваат во политиката. Со една рака пишуваат и делат во каков свет ќе се живее. Со другата, ја крадат земјата, стекнуваат имоти, хотели, трговски центри, скапи возни паркови. И не им пречи бојата на парите. Таквите поделби не ги решаваат проблемите на реалните луѓе кои бараат само едно, подобар живот за себе.
Пред 24 години, Македонија се соочуваше со едно од најтешките и најгорчливите поглавја во поновата историја. Летото 2001 година – земјата на работ на бездна. Воен конфликт, етнички тензии, страв, неизвесност, охридски Рамковен договор… Документот кој не беше лесно прифатен -за Македонците удар врз уставниот поредок, врз идентитетот, за Албанците задоцнета правда, недоволна. Според Мицкоски, договорот не е само лист хартија – туку симбол на зрелост, храброст и мудрост.

За овие работи треба да се зборува отворено и без ракавици. Дали Македонците беа најсреќни со потпишување на Рамковниот договор? Убеден сум дека тоа не е така. Чувство на огорченост, гнев. Веројатно такво било чувството и кај Албанците. Системски и тешки реформи, менување на Уставот во услови на воен конфликт. Но, да зборуваме отворено, Рамковниот договор 24 години потоа донесе мир. Донесе стабилност и обезбеди зачувана унитарност на Македонија.
Според вицепремиерот Меџити Рамковниот договор не ставил само крај на конфликтот туку и почеток на една политичка и институционална визија врз која се градеше и се гради модерната држава.
Охридскиот рамковен договор е темелот врз кој развивавме нов пристап кон градењето на државата – пристап кој ја гледа еднаковста, инклузивноста и прават како неразделни елементи на демократското функционирање. Денеска нашите владини политики се засноваат токму на овој дух, да создадеме држава која му служи на секој граѓанин – порача Меџити.
Рамковниот договор можеби е затворено поглавје, но неговата лекција останува отворена – дека мирот не се случува сам по себе, туку се гради, се одржува секој ден. Политичките елити имаат должност да работат во интерес на граѓаните и да ја бранат стабилноста на државата – наместо да дозволуваат меѓуетнички тензии и политичка реторика која ќе ги дели луѓето, на дело да покажат дека заедништвото не е слабост, туку зрелост. Досега од политичарите кои со децени во власта ја претставуваа албанската етничка заедница, вистинска посветеност и љубов кон Македонија не беше очигледна.

