Реклама
Македонија

Јаневска: Со ангажман на наставниците можеме да ги задржиме учениците на соодветните места

Имаме позитивни примери во одреден број училишта каде со спроведени кампањи се…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Имаме позитивни примери во одреден број училишта каде со спроведени кампањи се запишани поголем број ученици, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, на новинарско прашање за нејзината вчерашна изјава дека наставниците во битолското земјоделско училиште не се ангажирале да обезбедат ученици за следната учебна година.

Јаневска потсети дека при распишување на конкурсот, поради долгогодишно немање ученици во земјоделското училиште, предложиле земјоделската струка да се префрли во регионалниот центар, а по реакциите од училиштето и од градот се сретнале со наставниците и раководството на училиштето и добила ветување дека тие, како што нагласи, ќе се поангажираат.

– Што значи да се ангажираат? Тоа значи кај деветтоодделенците да покажат активност, да им објаснат што значи струката, што ќе учат тие во иднина, што ќе можат да работат во иднина, каде ќе можат да се запишат ако сакаат да го продолжат своето образование. Односно, да им објаснат зошто таа струка е толку важна, кои се убавините на таа струка. Тоа е дел од работата на наставниците и од образовниот процес. Ние сме имале примери на училишта со многу низок рејтинг кои со тек на време, токму поради ангажманот на наставниците станале реномирани училишта. Тоа го покажува искуството, изјави Јаневска. 

Реклама

Кога велам дека  наставниците треба да покажат ангажман, дополни таа, јас не ги  критикувам, јас само ги замолувам да направат нешто да ги задржиме нашите деца на соодветните места.

– Ако Пелагонија е еден од столбовите на земјоделието, таму има развиено земјоделство кое треба да се доразвива, тогаш децата и не мора да знаат сè. Тука се наставниците да им покажат и да им кажат како во иднина тие можат да го модернизираат земјоделието, да го употребат своето знаење за поголемо производство затоа што не очекуваме сите родители тоа да можат да го направат, рече Јаневска, потенцирајќи дека има позитивни примери во одреден број училишта каде со спроведени кампањи се запишани поголем број ученици.

Тоа, посочи, е важно за да останат дома, во Македонија. Важно е да стекнат знаења и компетенции, да ги употребат во својата сопствена држава, каде што јас длабоко верувам дека ќе им биде најдобро  од каде било да се само ако со тек на време ги доведеме работите на свое место –  изјави Јаневска. 

Таа вчера соопшти дека земјоделската струка во Битола нема да згасне, туку ќе продолжи во Регионалниот училишен центар, откако при првиот уписен рок се запишале тројца ученици и  согласно Законот, неможе да се формира паралелка. 

– Во моментов има запишано тројца ученици во тоа училиште, во прва година, Земјоделско училиште, а станува збор за Пелагонија, каде што земјоделството треба да се развива и доразвива. Сметам дека треба поголема ажурност од училиштето. По закон, ние не можеме да дозволиме паралелка со три ученици да постои. Тие ќе продолжат да си работат како втора, трета и четврта година, а од следната година ќе си оди оваа паралелка, односно земјоделската струка во Регионалниот центар, како што и планираме, како што и треба да биде – рече Јаневска, посочувајќи дека наставниците во тоа училиште не се потрудиле да привлечат  деветтоодделенци, кои своето средно образование ќе го завршат таму.