Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски смета дека со пуштањето на мостот „Генерал Михајло Апостолски“ и Градскиот воз, Скопје ќе добие поефикасен и побрз сообраќај.
Како што рече вечерва во гостување на една од националните телевизии, веќе се работи на адаптирање на линиите на Градскиот воз, кој треба да профункционира од септември.
– Мислам дека ќе придонесе за подобрување на состојбите и намалување на сообраќајниот метеж во главниот град тоа што патниците ќе можат да го користат градскиот воз како алтернатива. Ќе има адаптирање на линиите. Има тело што работи на ова – службите на Град Скопје, Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП Скопје и Министерството за транспорт и врски, поточно Железници Транспорт. Ќе се обидеме на одредени позиции да ги адаптираме линиите како собирни точки на местата каде што ќе бидат железничките станици, каде што граѓаните ќе можат да го користат градскиот воз. Ние во главниот град секогаш треба да нудиме повеќе алтернативи за граѓаните што помалку да ги користат своите возила, дециден е Ѓорѓиевски.

Тој се осврна и на останатите проекти што се реализираат на територијата на Градот Скопје, меѓу кои се и теренските градежни активности за мостот „Генерал Михајло Апостолски“, најавени претходната недела.
-Во програмата внимателно ветував и кога стануваше збор за овој мост каде што знам дека има и судски процеси отпочнато, има неколку судски процеси коишто не зависат од нашиот ангажман како Град Скопје, кажав дека до крајот на мојот мандат ќе биде функционален мостот, но многу порано го постигнуваме тоа бидејќи ги решивме оние експропријации коишто се клучни за да можеме да овозможиме простор за движење на возила односно да го направиме функционален мостот, истакна Ѓорѓиевски.
Потсети и дека тоа не е единствениот проект што беше закочен изминатите 10-тина години.
-Момин поток со силен интензитет се реализира, таму се целосно решени имотно-правните односни, булеварот Борис Трајковски целосно се реализира, мостот на Љубљанска, решени се целосно имотно-правните односи, она што е најважно во наредните 10-тина дена почнуваме со втората фаза односно со тунелите за Лимак во делот од Центар кон Кисела Вода-спојувањето, рече Ѓорѓиевски.
Според него, освен тоа што се завршуваат горенаведените проекти почнати во минатото, стартува и реализација на нови: паркови, реконструкции на улици, клучки, средување на делот накај Водно,…
Ѓорѓиевски информира и дека во моментов има околу 200 чешмички во Скопје за пиење вода што се ставени во функција. Има уште десетина места, додаде, кои треба да се доработат наредниов период.
