Реклама
Македонија

МАТУСИТЕБ за законот за правична застапеност: недоволна дефинираност на застапеноста на турската заедница

Сојузот на турски невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), основан во  2003 година…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Сојузот на турски невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), основан во  2003 година и составен од 72 здруженија членки, сојузот работи на зачувување и унапредување на турскиот јазик, културата, образованието и општествениот развој, како и на зајакнување на учеството на турската заедница во јавниот живот. МАТУСИТЕБ особено внимание посветува на соодветната и правична застапеност на турската заедница во институциите и процесите на донесување одлуки, сметајќи дека тоа е клучно за еднаквоста и меѓуетничката доверба, стои во соопштението од Сојузот што МИА го објавува интегрално.

На 5 јуни 2026 година, МАТУСИТЕБ достави официјален документ до претседателката на Македонија проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова, до претседателот на Собранието, Африм Гаши, и до претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, со наслов „Оценка и очекувања на 
турската заедница во Северна Македонија во однос на образованието, застапеноста и уставните права“, во кој се изнесени клучните предизвици и 
очекувања.

Со оглед дека Предлог-законот за соодветна и правична застапеност наскоро ќе биде на дневен ред, потребно е навремено информирање на јавноста за ставовите на турската заедница. МАТУСИТЕБ останува посветен на конструктивен дијалог и унапредување на еднаквоста.

Турската заедница, како една од автохтоните и уставно признати заедници во Република Северна Македонија, принципиелно го поддржува донесувањето на закон кој ќе обезбеди транспарентен, праведен и функционален систем на соодветна и правична застапеност во јавните институции. Истовремено, турската заедница целосно ги поддржува принципите на стручност, компетентност и професионални способности како примарни критериуми при 
вработувањето и унапредувањето во јавната администрација. Квалитетот и ефикасноста на институциите мора да останат врвен приоритет.
Сепак, во предложениот закон остануваат повеќе суштински нејаснотии кои можат негативно да влијаат врз остварувањето на правата на турската заедница.Пред сѐ, не е доволно јасно дефиниран поимот „пропорционалност“, односно не се утврдени конкретни механизми и мерливи критериуми според кои ќе се обезбедува соодветната и правична застапеност на помалубројните заедници. Отсуството на јасни показатели остава простор за различни толкувања и селективна примена.

Реклама

Дополнително, законот не предвидува обврзувачки инструменти за следење и корекција на постојната потзастапеност на турската заедница во институциите на државната и локалната власт. Без такви механизми, принципот на правична застапеност останува декларативен, без гаранции за негово практично спроведување.

Иако законот предвидува дека етничката припадност може да се земе предвид само како дополнителен фактор во случаи на еднакви квалификации, не е јасно на кој начин ќе се обезбеди ефективна еднаквост за заедниците кои со години се недоволно застапени.

Особено загрижува фактот што законот истовремено ги отфрла автоматските етнички критериуми и ригидните квоти, но не нуди алтернативен механизам што ќе обезбеди реално подобрување на застапеноста на турската заедница. Во такви услови, постои опасност постојната нерамнотежа да продолжи да се продлабочува.

Иако членот 7 предвидува дека диференцијалниот третман за обезбедување ефективна еднаквост нема да се смета за дискриминација, законот не ги дефинира доволно јасно условите, мерките и критериумите за неговата примена.
Од тие причини, постои реален ризик новото законско решение, наместо да придонесе кон правична застапеност, да доведе до индиректна дискриминација и дополнителна маргинализација на турската заедница.

Турската заедница очекува во законот прецизно да се утврдат:
• јасни и мерливи критериуми за пропорционална застапеност;
• механизми за корекција на постојната потзастапеност;
• редовен мониторинг и јавна отчетност на институциите;
• еднакви можности за сите уставно признати заедници;
• гаранции дека правичната застапеност ќе биде реално, а не само формално 
право.

Како една од темелните заедници што со векови придонесува во општествениот, културниот, образовниот и институционалниот развој на државата, турската заедница очекува законско решение кое ќе обезбеди вистинска, мерлива и одржлива правична застапеност, во согласност со духот на Охридски рамковен договор, Уставот на Македонија и принципот на еднаквост на сите граѓани.