Македонија меѓу земјите со најбрз напредок на патот кон Европската Унија. Комисијата ќе ги пренасочи неискоритените средства од Фондот за реформи и раст за Западен Балкан кон земјите што покажуваат најголем напредок во спроведувањето на реформите. Најуспешнте земји се Македонија, Црна Гора и Албанија. Кандидатите треба да ги исполнат условите во рок од една година, пред да се прераспределат средствата. Само во првата година рокот беше продолжен на две години, па според ова правило, крајот на јуни беше првиот рок.
„Како што нагласува регулативата, кога реформските чекори не се исполнети и истекоа во грејс периодот, соодветните средства можат да се прераспределат меѓу другите корисници. Во врска со чекорите што требаше да се завршат на 30 јуни 2026 година, Комисијата сега ќе спроведе сеопфатна и објективна процена на сите корисници“, изјави порпаролот на Европската комисија.
Од вкупно 6 милијарди евра предвидени од Фондот, досега се исплатени околу 673 милиони евра, при што најголемиот дел од средствата се насочени кон три од шесте земји-кандидатки. Најголеми предизвици со исполнувањето на реформските рокови имаат Босна и Херцеговина, Србија и Косово.

Фондот за реформи и раст за Западен Балкан е формиран во 2024 година со цел финансиски да ги поддржи земјите-кандидатки во спроведувањето на реформите неопходни за членство во Европската Унија. Се очекува Комисијата да открие повеќе детали за ова прашање во текот на овој месец.
