Во Собранието заврши општиот претрес на измените на Законот за основно образование. Потпретседателката Весна Бендевска рече дека пратениците дополнително ќе бидат известени кога ќе се гласа за оваа точка, на што реагираше координаторката на Европскиот фронт, Рина Ајдари од ДУИ. Таа праша зошто не може да се гласа, кога има кворум. Притоа побара да се утврди бројот на пратеницитете во салата и законските измени да бидат ставени на гласање или, во спротивно, како што напомена, да биде дадена пауза од еден час.
Бендевска објасни дека се повикала на првиот став од член 70, според кој, претседателот може, по расправата, да утврди дека дебатата завршила, а за гласањето пратениците да бидат дополнително известени.
-Вашите аргументи не држат. Ќе се навратам на член 101 од Деловникот, според кој, Собранието може да одлучи ако е присутно мнозинството пратеници. Барам да бидат избрoени пратениците и точката да ја ставите на галасање. Барам еден час пауза ако тоа не го направите, потенцира Ајдари.

Бендевска потоа даде пауза од еден час. Претходно, повикувајќи се на член 74, став 5, информира и дека Собранието ќе продолжи со работа и по 18 часот.
Во текот на расправата за законските измени за основното образование, владејачкото мнозинство и опозицијата ги спротивставија ставовите.Според првите, со законските измени ниту еден наставник или професор нема да биде отпуштен од работа, а целта на новото решение е поквалитетно образование со рационална организација на севкупната училишна мрежа во државата, преку оптимизацијата на школите, без притоа да се затвораат паралелки. Опозициските пратеници, пак, обвинија дека со законските измени ќе се затворат училишта и ќе се отпуштат наставници и професори, но ќе се направи и дополнителна централизација.
Како што оцени Благој Бочварски од СДСМ, овие законски измени не се никаква реформа, а тоа што ја нема министерката за образование на седницата да го образложи законот, кажува многу.
-За измените беше неопходна широка јавна дебата во која ќе се вклучат сите засегнати страни, посебно градоначамниците, директорите на училиштата, наставниците и професорите. Велите, ќе правите децентрализација преку рационализација, а всушност општините ќе плаќаат повеќе за плати на професорите и наставниците, додека централната власт ќе има повеќе ингеренции. Ова не само што не е децентрализација, туку е дополнителна централизација. Се зголемуваат надлежностите на Министерството за образование, а се намалуваат на градоначалниците. Од наредната година постепено ќе се намалуваат блок-дотациите за општините за платите на професорите и наставниците и кога ќе немаат пари за плати, ќе почнат да ги отпуштаат согласно овие законски измени. Ова не е никаква реформа. СДСМ е против и ќе се спротивстави на затворањето училишта. Ние сме и против бркањето професори од работа, истакна Бочварски.
Реплицираше Каролина Насковска од ВМРО-ДПМНЕ, според која, оптимизацијата на школите е неминовна кога бројот на ученици се намалува.
-Со законските измени, учениците се згрижуваат во најблиското училиште, а секој објект се пренаменуа, на пример, во градинка. Наставните, пак, кои ќе останат технолошки вишок, ќе бидат прераспределени како образовни асистенти со полна наставничка плата. Тоа се прави за да се премости овој перод, зашто следната учебна година 2.200 наставници на ниво на Македонија, ќе одат во пензија. Не ги плашете луѓето, доволно ги испомешавте работите во образованието, објасни Насковска.
И нејзиниот сопартиец Душко Иванов му реплицираше на Бочварски. Потенцира дека со законските измени отпуштање од работа нема да има ниту од едно основно и средно школо. Тој се осврна на ОУ „Гоце Делчев“ – Штип, училиштето кое претходно како пример на „затворање“ го посочи Бочварски.
-Во ОУ „Гоце Делчев“ – Штип веќе четири години не се запишани 60 деца. Годинава само 20 деца се запишани, а до ова школо, на еден километар оддалеченост, има уште две основни училишта. Според анализата, 76 вработени има во ОУ „Гоце Делчев“ и од нив, во текот на постапката за затворање на училиштето, 20 ќе се пензионираат за пет години. Во сите, пак, основни и средни школи во општина Штип, 86 наставници ќе се пензионираат. Или не сте упатени во проблемите или зборувате невистини, му рече Иванов на Бочварски.
Дафина Стојаноска напомена декаовој закон е за пофлексибилно и поефикасно формирање паралелки, за превенција и спречување насилство во училиштата и за децентрализација.
-Се дава поголема улога на градоначалникот. Немојте да ги заплашувате наставниците и кадарот во образованоието дека ќе останат без работа. Милион пати министерката повтори дека тоа нема да се случи. Покажувате лажна грижа и ширите паника, додека оваа Влада ги исправа вашите грешки, нагласи Стојаноска.
И според Емилија Ангелова од ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден наставник со оптимизацијата на ушилиштата, нема да остане без работа.
-Зошто го заплашувате народот и правите терор врз наставниот кадар? Проблемот не е од денес, туку е предизвикан во ваше време. Велите, законските измени се погрешни, а не понудивте решение, подвлече пратеничката.
Рина Ајдари оцени дека проблемот не е во потребата за оптимизиација, туку во начинот како таа се спроведува. процесот е избрзан и нејасен, особено за наставниците.
За збор се јави и Оливер Спасовски од СДСМ, нагласувајќи дека ова законско решение не е на Владата, туку на неколку пратенички од ВМРО-ДПМНЕ.
-Законското решение се претставува како сериозна реформа на образовниот систем, а е поднесен за донесување по скратена постапка зашто, како што е наведено во образложението, не е сложен и обемен. Не може да е реформски, а да не е сложен и обемен, не може да правиме големи реформи, а да нудиме само четири одредби. Оваа ваша наводна реформа е погубна за Македонија и за образоваието, рече Спасовски.
Следна точка на дневниот ред е дополнетиот Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за средното образование, што исто така треба да се донесе по скратена постапка.
