Во пријатна атмосфера поминала средбата на спикерот Африм Гаши со неговата бугарска колешка Михаела Доцова. Разговорите генерално се однесувале за парламентарната соработка помеѓу двете држави, а уставните измени не се отвориле како тема. Доцова најавила дури и официјална посета на македонското собрание, а Гаши очекува тоа да се случи до крајот на годината.
– Воглавно разговаравме за соработката на нашите два парламенти, како може да ја продлабочиме соработката во процесот на евроинтеграција, како да најдеме начин да ги црпиме искуствата од бугарското зачленување во ЕУ… – рече Гаши.
Спикерот сподели дека бугарската колешка го споменала и инциднетот со палањето со бугарските коли, но ја поздравила и брзата реакција на полицијата.

Ист таков одговор побара македонското МНР за објавувањето на интерната комуникација за патувањето на сопругата и помалиот син на прмиерот. Тимчо Муцински го повика бугарскиот амбасадор во Скопје и побара објаснување и темелна истрага.
За инцидентот преку соопштение се огласи бугарското МНР, негираат дека од кај нив протекле безбедносни информации и додаваат дека настанот бил, како што велат, во „далечното минато“.
„Министерството за надворешни работи не дистрибуираше дипломатска нота или друга официјална кореспонденција поврзана со посетата на Бугарија на членови на семејството на официјален претставник на друга земја… Во моментов, оваа информација не може да се сфати како основа за заклучоци дека постои непосредна закана за безбедноста на граѓаните на Бугарија или друга земја“, велат од бугарското МНР.
За случајот, премиерот рече дека веќе ги информирал партнерите на Македонија во НАТО, бидејќи со објавувањето на дипломатската нота, како што кажа, се загрозува и безбедноста на неговото семејство.
Нејасно е како документот излезе во јавност и зошто токму сега, шест месеци по приватното патување. Во него во детали се опишува возилото, рутата, дестинацијата и други детали.
Во затегнати односи Скопје-Софија, Македонија продолжува да ги спроведува реформите за усогласување со европската регулатива. Собранието интензивно ќе работи за да се донесат сите предвидени измени бидејќи крајниот рок е 30 јуни за гласање.
Спикерот Гаши е на став дека согласно сите процедури се носи и законот за соодветна и правична застапеност кој треба да го замени укинатиот балансер од Уставниот суд. Не се согласува со опозициските критики и претпоставки дека законот нема да гарантира нечии права.
