Со Везилка – националната фабрика за вештачка интелигенција денес започнуваме процес што ќе трае со години и ќе остави траен белег врз нашата економија, наука и општество. И затоа нашата цел е јасна – да изградиме Македонија која не ја следи технолошката иднина, туку активно учествува во нејзиното создавање, порача министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, денеска на промоцијата на Везилка.
Проектот во вредност од 6 милиони евра, според Андоновски, претставува една од најзначајните инвестиции во развојот на националниот капацитет за вештачка интелигенција и со кој нашата држава станува дел од најамбициозната европска иницијатива во областа на ВИ. Избран е за финансирање преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPC, како дел од европската мрежа на AI-factory antennas. Негов носител е ФИНКИ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, а Министерството за дигитална трансформација е главен институционален партнер.
Нашата визија, рече Андоновски, е вештачката интелигенција да стане алатка во служба на поефикасна администрација, поголема транспарентност, подобро планирање и поквалитетни услуги за граѓаните.

Според Андоновски, поставуваме темел на нова национална инфраструктура за знаење, иновации и технолошки развој.
– Како што везилка во македонската традиција ги вплетува нишките во една целина, така и овој проект ги поврзува науката, технологијата, институциите, бизнисот и младите таленти во заедничка визија за иднината. Визија во која нашата држава не е само корисник на новите технологии, туку нивен активен создавач. И тоа не како ад-хок проект кој ќе се заборави по неколку денови, туку како системска трансформација – рече Андоновски.
Тој посочи дека во рамки на дигиталната трансформација на државата се реализирани бројни проекти за дигитални услуги, интероперабилност, сајбер безбедност и модернизација на јавната администрација, но, потенцира, вистинската дигитална трансформација може да се гради само преку дигитализација на постојните процеси.
Преку Везилка, посочи министерот, ќе добиеме директен пристап до европски суперкомпјутери, напредни податочни простори и современи алатки за развој и тестирање на модели на вештачка интелигенција. Ова значи дека нашите истражувачи, компании, стартапи, институции ќе можат да работат со инфраструктура која до вчера беше достапна само за најразвиените европски центри.
– Везилка не е проект за компјутери. Везилка е проект за луѓе. За студентите кои денес се во амфитеатрите, утре ќе бидат инженери и научници. Стартапите кои денес имаат идеја, а утре ќе создаваат глобални решенија. Институциите кои треба да станат поефикасни, компаниите кои треба да станат поконкурентни, но првенствено граѓаните кои треба да добијат подобри услуги.
Затоа, проектот е насочен кон области кои имаат директно влијание врз квалитетот на животот: здравство, енергетика, земјоделство, јазик и култура, рече Андоновски.
Потенцираше дека развојот на македонски јазични модели е поставен како еден од приоритетите на проектот.
– Во ерата на вештачка интелигенција, дигиталното присуство на македонскиот јазик, како еден од јазиците со најмал број говорители во светот, станува прашање на зачувување на македонскиот културен идентитет. Нашата цел е македонскиот јазик да биде рамноправно присутен во идните генерации на системи на вештачка интелигенција. И со Везилка започнуваме тоа да го постигнуваме – рече Андоновски.
Укажа дека придобивките од Везилка не завршуваат само со економскиот развој или научните истражувања истакнувајќи дека вештачката интелигенција има потенцијал суштински да го подобри начинот на кој функционира државата и институциите.

– Подобри анализи на податоци значат подобри јавни политики. Побрза обработка на информации значи поефикасни институции. Поголема автоматизација значи помалку административен товар за граѓаните и компаниите. Нашата визија е вештачката интелигенција да биде алатка во служба на поефикасна администрација, поголема транспарентност, подобро планирање и поквалитетни услуги за граѓаните што сакаме институциите да бидат подобри. Нашата цел е граѓаните да добиваат побрзи услуги, компаниите да работат во попредвидлива средина, а институциите да носат одлуки врз основа на податоци и факти. Во време кога довербата во институциите се гради преку резултати, новите технологии можат да помогнат да создадеме поотворена, потранспарентна и поодговорна јавна администрација. Тоа е и суштината на модерните влади – институции кои работат подобро, носат поквалитетни одлуки и им служат на граѓаните поефикасно – рече Андоновски.
Претходно на промоцијата се обрати премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека „Везилка“ е почеток на процес кој ќе придонесе за посилна наука, подобра економија и поголеми можности за младите луѓе.
