Парализа на правосудниот систем, ако владата за 10 работни дена не изнајде решение за ниските плати на администрацијата во судовите и обвинителствата. Во спротивно, тие излегуваат на штрајкови и протести. Ова следи откако владата донесе одлука за формирање на работна група за координација помеѓу економските и правосудните ресори, која треба да разговара за состојбата на администрацијата во правосудството.
- „Да ги известиме дека на првата средба, ќе барме дефинирање на рокот, да заврши во десет работни дена, доколку, не се договориме и не ги прифатат нашите услови, штрајкот ќе продолжи на поригорозен начин и нема да се работат никакви работни задачи во обвинителствата.“ – Порача Трпе Деановски од УПОЗ.
Оттаму додаваат дека нема да се пазарат за 5 или 10% покачување, и воопшто нема да преговараат.
- „Сепак, без нас не се може, ако ние работиме еден за тројца, да знаат дека повеќе тоа нема да го правиме, поготово не за вакви бедни плати“ – Истакна Изабела Илиева од синдикатот на јавни обвинителства.
Одлуката на владата создаде револт кај најголемите синдикати на судската администрација и судската полиција, кои пак не се вклучени во преговорите. Оттаму бараат и тие да земат учество во работната група или, како и нивните колеги од обвинителствата и тие највуваат штрајкови и протести.

- „Штрајкувачкиот одбор одлучи дека пртоестите ќе продолжат од понеделник со блокирање на улици, бидејќи ние се уште не сме повикани на тие преговори. Им оставаме 7 дена да ни се обратат, од 16ти веќе треба да седнеме и да преговараме, да одлучуваме за нашите проблеми. Грото во овие синдикати се вработени во судската служба, сите се вработени, во судската служба и мислам легитимно е ние да бидеме вклучени во тие преговори“ – Порача Јасмина Величкова од синдикатот на судска администрација.
Тие бараат 0,8% од државниот буџет, кој според закон треба да се исплаќаат на судската власт. Велат оти тие го полнеле буџетот, а нивните пари се користеле за други намени.
- „Во 2022 година, судската власт е оштетена, нејзини средства се земени за коридор 8 и коридор 10, во 2023 година, нејзини средства се земени за исплата на функционерските плати.“ – Истакна Рената Ѓоргиевска од здружението на судска администрација.
Ова следи откако пред само неколку дена, администрацијата во судството и обвинителството, како и судската полиција излезе на два одделени протестни марша со барање за повисоки плати и додатоци, го блокираше главниот град, а правосудниот систем направи пауза со работа, поради што се одложија стотици предмети.
Никола Цветкоски
