Реклама

Ерџан Демир нов министер без ресор

Собранието ја изгласа реконструкцијата на Владата – избрани осум нови министри

„Преку Езерото“ го раздвижи Дојран како никогаш досега – локалната власт ќе ја прошири поддршката за фестивалот

Нови авио-правила од 2027: бесплатен рачен багаж и до 600 евра за задоцнет лет

Мисајловски: Реконструкција и градежна офанзива во повеќе касарни

Откако се „потрошија“ водејќи инает со власта за изборните правила, СДСМ и Левица се испокараа меѓу себе

Нов случај на врсничко насилство – девојче од Куманово тепано и понижувано

Божиновска од Глобочица: Секој вложен денар во хидроелектраните носи повеќе домашна енергија и поголема сигурност

5. издание на „Преку езерото“ – студентска работилница со Александар Русјаков

Наскоро целосно археолошки заштитена ќе биде црквата на локалитетот Кале кај Крупиште

Алфа тема: Дали младите бегаат од политиката или само бегаат од партиските поделби?

Што треба да се промени за врсничкото насилство да не стане секојдневие?

Македонија

Реконструкција на Владата во Собранието: Разрешени министрите Филков, Стоиљковиќ, Алиу, Перински, Љутков, Лимани и Салиу

Собранието, денеска, на 112. седница, на предлог на премиерот Христијан Мицкоски, во…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Собранието, денеска, на 112. седница, на предлог на премиерот Христијан Мицкоски, во рамките на реконструкцијата на Владата ги разреши министрите: за правда – Игор Филков, за земјоделство, шумарство и водостопанство – Цветан Трипуновски, за односи меѓу заедниците – Игор Стоиљковиќ, за здравство – Азир Алиу, за туризам и култура – Зоран Љутков, за социјална политика, демографија и млади – Фатмир Лимани, за локална самоуправа – Златко Перински, како и Шабан Салиу од функцијата министер без ресор. 

Разрешени се и заменик-министрите за социјална политика, демографија и млади и за култура и туризам, Ѓоко Велковски и Седат Сулејмани.

– Од првиот ден, кога ја презедовме одговорноста, реков дека оваа Влада нема да биде Влада на комфор, туку Влада на резултати. Нема да биде Влада во која функциите ќе се сметаат за стекнато право, туку за обврска што секој ден повторно мора да се заслужува. Тоа не беше политички слоган, тоа беше принцип. Денес, покажуваме дека тој принцип важи еднакво за сите – порача премиерот Христијан Мицкоски образложувајќи го предлогот за разрешување членови на Владата.

Реклама

Функцијата, посочи, не била и никогаш нема да биде цел сама по себе, таа е средство преку кое му се служи на народот – порача 

Денес, нагласи, не се збогуваме со луѓе што не работеле, туку, напротив, со луѓе што во разни ресори дадоа свој придонес за реализација на програмата за која граѓаните дадоа доверба.

Според него, на реконструкцијата на Владата не треба да се гледа како на крај на нечија работа.

null

Заблагодарувајќи им се на членовите на Владата, кои, како што рече, во изминатиот период чесно, одговорно и посветено ги извршуваа функциите, потенцира – „со искрена благодарност за нивната работа ја отвораме следната етапа, не затоа што го негираме сработеното, туку затоа што сакаме врз она што е направено да изградиме уште повеќе“.

Во текот на расправата опозицијата оцени дека реконструкцијата е политичка, а не кадровска и е увертира за предвремени избори. 

Пратеникот Борислав Крмов од Левицата, говорејќи по првата точка на пленарната седница посветена на разрешувањето на министрите, праша зошто се менува министерот за земјоделство ако работел добро. 

– Пратениците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ зборуваа за тоа какви резултати постигнал, како вовел ред во хаосот, колку било сега подобро во земјоделството од порано и слично. Прашањето е, ако е така, зошто сега го менуваме? ​Зборуваме за министер што го донесе македонското земјоделство во колапс, кој сега им должи речиси 70 милиони евра неисплатени субвенции, 40 милиони евра субвенции скратени за 2026, а во моментот има криза за млекото, оризот, пченицата и јачменот… – рече Крмов.

Според него, Министерството за земјоделство се третира како еден вид жежок костен, кој се подава меѓу коалициските партнери, иако тоа треба да биде еден од галвните сектори во државата бидејќи го третира производството на храна. 

Од реконструкцијата, рече Крмов, најмногу ќе изгуби политичката партија ЗНАМ, која го губи секторот правда, а коалицијата „Вреди“ ќе излезе појака затоа што добива ресор плус. Со давањето на секторот правда на „Вреди“, според Крмов, се отвара можноста правосудниот испит да се полага и на албански јазик, а со тоа на долг рок правосудството ќе стане двојазично. 

Политичка, а не кадровска реконструкција и увертира за предвремени избори, вака опозицијата ја оценува реконструкцијата на Владата за која се дебатира на денешната собраниска седница.

Пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска од СДСМ говореше за работата на досегашниот министер за култура Зоран Љутков за кого рече дека ќе остане запаметен како министер со најголем број тужби за неисплатени плати и непочитување на колективните договори. За неговиот двегодишен мандат рече дека нема ниеден капитален проект.

– Од двете години пред него, ги продолжи: Љубојно, просториите на Националниот џез-оркестар, киното „Партизан“, кино во Валандово, нови локални центри за култура. Имавме прва реставрација на икони во регионот, која тој, за жал, не ја продолжи. Имавме пет нови национални установи и секоја од нив е со посебна традиција, со посебен придонес, на кои од секое негово јавно излегување им се заканува затворање. ​Најголемиот придонес од тие две години пред него е новиот Закон за употреба на македонскиот јазик. И може да релативизира дека тоа бил само посебен текст, како што кажа, ама не знае да го спроведе две години. И во тој закон имаше Инспекторат за македонски јазик, на кој, откога му го намали статусот, никако да го профункционира. Имаме статус УНЕСКО, кој е под сериозна закана. Најважно од сè, две години пред него имаше целосно почитување на колективниот договор. Во тие две години пред него имаше заштитен македонски јазик, признаен меѓународно и почитуван, вреднуван и најважно – непреговаран – рече Костадиновска-Стојчевска.
​Пратеничката Велика Стојкова-Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ во репликата на говорот на Костадиновска-Стојчевска рече дека за две години се решени многу проблеми што СДСМ ги има оставено.

– Ја почнавме работата со УНЕСКО за што имаме и конкретни резултати. Вие го закочивте проектот за Универзалната сала, во ваше време се потпиша колективниот договор без анализа. Не може за две години да се решат проблемите што вие ги натрупавте – рече Стојкова-Серафимовска.

На местото на Филков за министер за правда треба да биде изберан Јетон Шасивари („Вреди“). Стоилковиќ (коалиција ВМРО-ДПМНЕ) ќе ја преземе министерската функција во Локалната самоуправа, Златко Перински директорската функција во Фондот за здравствено осигурување, каде што на чело е Сашо Клековски (ВМРО-ДПМНЕ), кој ќе биде нов министер за здравство на местото на Азир Алиу. За министер за односи меѓу заедниците е предложен Агон Ферати („Вреди“).  На местото на Цветан Трипуновски ќе дојде Борче Серафимовски (ЗНАМ), а на местото Шабан Салиу, министер без ресор, е предложен Ерџан Демир (ВМРО-ДПМНЕ). 

Во тек е расправата за избор на нови членови на Владата.