Последниот случај на меѓуврсничко насилство, во кој 12-годишно девојче во скопската населба Аеродром беше малтретирано од група малолетници, предизвика силна вознемиреност и повторно го отвори прашањето – дали институциите реагираат дури кога последиците веќе се видливи?
Ова не е изолиран инцидент, туку уште едно предупредување дека меѓуврсничкото насилство станува сè посериозен општествен проблем, алармира експертската јавност.
Иако против четворица малолетници и петмина родители е поднесена кривична пријава, останува дилемата – што треба да се промени за насилството да не стане секојдневие?

Решението не е во репресијата, туку во превенцијата – почнувајќи од семејството, преку училиштето, па сè до институциите кои имаат обврска навреме да го препознаат ризикот, дециден е академик Владо Камбовски.
„Упатувањето на детето во воспитно-поправен дом значи негово излегување од неговата природна средина. А негова природна средина е семејството. Сепак, семејството е главниот фактор и затоа таа мерка се применува исклучително ако нема шанса ниту со засилен надзор во семејството, ниту евентуално во некое друго семејство, детето да се тргне и да се стави сепак за него едни ненормални услови, како што е воспитно-поправен дом, каде што неговите слободи и права, да речам, се доста ограничени“, вели академик Владо Камбовски.
И од Министерството за правда оценуваат дека е неопходна одлучна реакција на институциите, но потенцираат дека секој случај се оценува поединечно, согласно Законот за правда за децата.
„Во него се предвидени една лепеза, поширок спектар на воспитни мерки, од засилен надзор од родителите како една поблага мерка, до најстроги санкции, како упатување во воспитно-поправен дом. Сепак, мислам дека поголемо внимание треба да посветиме на превентивните мерки. Ова особено се однесува на родителите, на училиштата, на стручните служби, центрите за социјална работа и на целокупното општество, со цел да спречиме вакви појави да се повторуваат во иднина“, вели Ален Деребан, заменик-министер за правда.
Но, и покрај законските механизми, пораката на стручната јавност е иста – меѓуврсничкото насилство не се спречува само во судниците. Најважната битка се води дома, во училиштата, во центрите за социјална работа и во секојдневната грижа за децата. Само со навремено препознавање на проблемите и заедничка превентивна акција, ваквите случаи ќе станат исклучок, а не реалност што повторно и повторно ја потресува јавноста.
