Пред СДСМ зурли и тапни за новоизбраниот лидер, во партија разочарување и нови поделби. Уште пред објавување на резултатите, Венко Филипче со музика беше пречекан пред партискиот штаб. На неговото лице немаше насмевка, но музиката продолжи и откако тој влезе, но и по крајот на прес конференцијата на која повика дека нема простор за славење.
Филипче кој освои помалку од 10.000 гласови, на прес конференцијата со аплауз беше пречекан од 10-тина партиски членови.
Човекот кој важи за близок до Заев, а за кои одредени и велат дека е по Заев- Заев, изрази задоволство од победата, велејќи дека се одржале фер и демократски внатрепартиски избори, на кои членовите кажале кои сакаат да биде нов претседател.

-Сега е време за обнова на СДСМ, нема време за славење и многу работа, нема време за славење. Следи период на реорганизација и реформа, согласно моите програмски ветувања, со кои сум сигурен дека СДСМ повторно ќе победува. Ова нема да биде ниту брзо, ниту лесно, но јас знам дека друг начин да ја вратиме довербата кај членовите, освен да направиме вистински темелни промени, изјави Филипче.
За разлика од Филипче другите кандидати обвинија за нефер изборен процес. Јован Деспотовоски вели дека воопшто не може да се зборува за избран претседател на партија кога дури 11 илјади пријавени не излегле на гласање. Вели прво мора да се почека и рокот за приговори.
-Првото прашање е зошто на тие 10 илјади луѓе, односно 11 ваљда веќе денеска не им беше овозмежено да гласаат или да се појават воопшто на гласање, а беа регистрирани и покажаа иницијатива последниве 20 дена тоа да го направат и второто што се случи со оние луѓе кои што денеска ги вративме од гласање. Како другар се радувам за Венко, зошто ми е другар, ама не се радувам за СДСМ и зградава е празна денеска и не океј, изјави Деспотовски.
Според Бајдевски проблем било што не бил одржан ниту отчетниот конгрес, а порача и дека мора да се проверат обвинувањата на Славјанка Петровска, која на два дена пред изборите се повлече од трката. Таа по изборите обвини дека одредени луѓе ја заробиле партијата, пишувајќи на Фејсбук „Се боревме против заробена држава, добивме заробена партија“.
-Сметам дека требаше да се затворат и некои дилеми околу одредени работи што се случуваа во однос на изборите, во однос на списоците на нашето членство итн. Сметам дека можеби тоа исто така допринесе за еден ваков мал одзив на овие избори, изјави Бајдевски.
Претседателката на Централната изборна комисија на СДСМ кажа дека поднесен бил само еден приговор, кој немал влијание врз изборниот резултат.
На овие избори во СДСМ излегоа помалку од 13.000 членови од пријавените околу 23. Што е многу помалку од минатите два внантрепартиски циклуси. Во првиот Заев доби 59.240 гласа, додека во вториот Ковачевски до нешто под 38 илјади, а гласаа над 44 илјади членови.
Матеја Петровски
