Напад кон национален медиум, навреда за локален новинар и повик за јавен линч. Еден од сопствениците на имот во прилепски Ореовец кој тврди дека ги застапува сите жители, преку социјалните мрежи одлучи да се пресметува со ТВ Алфа, а истиот текст го испрати и како наводен демант во кој не демантира ништо, но затоа се заканува и клевети.
За Жарко Стеваноски, кој е и адвокат, е спорно зошто ТВ Алфа воопшто објавила снимки од селото и тврди дека со нив се нарушувала приватноста на жителите.
„Дали жителите на с. Ореовец, сопственици на хациенди, базени и луксузни недвижности треба некого да прашаат за тоа што можат да прават со сопствените пари и како тоа овој медиум си зел за право со дронови да надлетува над селото и да им го повредува правото на приватност на жителите”, објави Жарко Стеваноски, сопственик на имот во село Ореовец.

Но, Стеваноски во писанието кое го нарекува демант а во кое не демантира ништо, оди и чекор понатаму и директно, со име и презиме ја става на тапет и ја напаѓа нашата дописничка од Прилеп која воопшто и не беше вклучена во изработката на сторијата бидејќи во овој период е на годишен одмор. Адвокатот користи и недоличен говор и клевети за целиот медиум, во чија содржина, поради пристојност, нема да навлегуваме ниту ќе одговориме.
За него е спорно зошто ТВ Алфа информираше дека поради блокираниот пристап до каменоломот е заглавена изградбата на автопатот од Прилеп до Битола а државата се соочува со сериозни штети кои може да надминат фантастични 150 милиони евра, пари кои би биле на товар на државниот буџет односно на сите граѓани на Македонија, пари кои би можеле да се потрошат за изградба на водоводи, канализации, училишта и болници.
Инаку самоволието на десетина сопственици на луксузни хациенди со градини и базени во Ореовец ја отежнува изведбата на Коридорот 10-Д. Овие луѓе речиси две години не дозволуваат пристап до државниот каменолом од кој треба да се вади градежниот материјал. Тврдат дека се загрижени за животната средина иако сите анализи и контроли го велат спортивното.
На терен имаат излезено инспектори од Министерството за екологија и од Општина Прилеп и немаат констатирано никакви неправилности.
Поставени се и апарати за мерење на загадувањето, на вибрациите и на бучавата кои покажуваат дека нема отстапувања од дозволените вредности.
Симптоматично е што оние кои ја попречуваат градбата на автопатот преку блокирање на пристапот до државниот каменолом, немаат ништо против неколку приватни каменоломи кои во овој крај работат со години.
Конкретниот каменолом односно Позајмиште 6 е во сопственост на државата и е оддалечен повеќе од 700 метри од селото, локацијата е одредена со самиот договор за Изведба на Коридор 8 и Коридор 10д а претходно и била планирана за доделување концесија за комерцијално користење.
