Реклама
Прилози

Замрзнати, неисчистени тротоари и патеки во Скопје

Улиците и патиштата се чистат, ама не и поголем дел од тротоарите…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Улиците и патиштата се чистат, ама не и поголем дел од тротоарите низ Скопје,што за пешаците, особено за повозрасните лица е опасност.  Дополнителен ризик се замрзнатите делови на пешачките зони кои настанаа од ниските температури.

Граѓаните велат дека еден погрешен и невнимателен чекор може да ги чини повреда, а за тротоарите коментираат дека се како лизгалиште. Апелираат градските служби да си ја завршат работата, а не да остават Скопје да се претвори во едно огромно лизгалиште и да нема кај да помине пешак.

Снегот е насобран и неисчистен и на автобуските постојки. Оние кои чекаат автобус се безбедни само каде снегот е изгазен или стопен. Ниту делови од градските улици не се чистени како што треба, што е ризик и за возачите. Во моментот додека екипата на Алфа правеше обиколка низ главниот град за да види каква е состојбата на терен со снегот, два автомобили се излигаа и се судрија на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“.

Реклама

Но и пред повеќе згради затекнавме непристапен влез и натрупан снег. Инаку според Законот за јавна чистота во зимски услови при снежни врнежи сите сопственици и корисници на објекти се должни да го исчистат делот пред влезовите и да обезбедат безбеден пристап за граѓаните. Во спротивно предвидени се парични глоби од 500 до 1000 евра. Во многу земји и граѓаните се должни да чистат пред својот влез во зграда и да обезбедат безбедно движење.

Од УХМР велат дека врнежи од снег се очекуваат до среда, а најсилни ќе бидат во западните и југозападните делови во вторник. Во среда снег ќе има на повеќе места низ Македонија. Оттаму апелираат граѓаните да ја следат временската состојба, а возачите да се информираат за условите на патиштата.

Љубиша Владимиров